X
 18.09.2020 Здравје

Матичните лекари сега може да закажат ковид-тест за пациенти пред операција. Ќе им бидат ли вратени парите на оние што се тестираа на свој трошок?

Цената на ПЦР-тест е различна во секоја приватна установа и се движи од 3.000 до 4.200 денари

Пациентите што треба да се оперираат ќе може да направат тест за Ковид-19 со закажување преку „Мој термин“, кое ќе може да го направи матичниот лекар. Министерството за здравство го променило алгоритамот за упатување на пациентите на тестирање за коронавирус на државен трошок. Претходно доколку трошокот за тестот не го покриеше здравствената установа во која требаше да се оперира болниот, тој сам си плаќаше за тестирањето.
Цената на ПЦР-тест е различна во секоја приватна установа и се движи од 3.000 до 4.200 денари.

- Неделава отворивме можност за матичните лекари да закажуваат за ПЦР-тестови за пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција. Докторот од здравствената установа прави процена за потребата од ПЦР-тестирање за пациент за хоспитализација. Пациентите со потреба од итна хоспитализација се хоспитализираат без тест, кој потоа се прави од болницата - велат од Министерството за здравство.

Претходно пациенти што имаа закажана операција во државни болници и клиники мораа да направат тест за Ковид-19 на приватен трошок. Најголем дел од нив не можеа да се оперираат без да приложат документ со негативен тест. Дали ќе платеа за тестот или тој ќе беше на трошокот на државата, зависеше од тоа дали бил итен пациент и каде ќе се оперирал.

Од Министерството за здравство сè уште не добивме одговор дали ќе им бидат вратени парите на оние што си платиле за тест пред операција. Штом ќе го добиеме, ќе го објавиме.

Според последните податоци, досега во земјата се направени вкупно 171.155 тестирања за Ковид-19.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје