X
 25.06.2019 Наука

Науката тврди - кратките разговори со непознати луѓе ќе ве направат посреќни

Сите сакаат да бидат среќни, но горчливата вистина е дека никој не знае како да го направи тоа. Благодарение на научниците, сега постои одговор на ова прашање. Се чини дека кратките разговори со луѓе што не ги познавате, во јавниот превоз или на некое друго јавно место, се вистински и лесен начин да станете малку посреќни.

Ако сте личност што секогаш го избегнува овој навидум чуден тип на комуникација, би било корисно да прочитате што велат научниците.

Истата приказна се случува секој ден низ целиот свет. Милион луѓе брзаат на работа, училиште или кое било друго место, па се качуваат во автобуси, возови и други превозни средства. Но, и покрај тоа што сме најдруштвените суштества на планетата, сепак, претпочитаме осаменост и честопати се игнорираме едни со други. Дури и кога сме оддалечени само неколку сантиметри.

Се чини како парадокс, но не постои парадокс што научниците не го оставиле незабележан. Истражувачите Николс Еплеј и Џулијана Шредер спровеле серија експерименти за да го анализираат овој проблем.

Кога ги замолиле патниците да замислат дека разговараат со странец во текот на возењето, луѓето одговориле дека тоа би било прилично пријатно искуство. Но, тие не сакале да почнат разговор бидејќи мислеле дека никој не би сакал да разговара. Тоа значи дека многу луѓе сакаат да почнат разговор, но не почнуваат бидејќи не се сигурни дека другиот би сакал да учествува.

Но, ако знаат дека грешат, би имало многу повеќе среќа во светот, се вели во истражувањето, а експериментите го потврдуваат тоа. Во текот на првиот експеримент Еплеј и Шредер замолиле одредени патници во јавен превоз да разговараат со оној што седел во нивна близина. Во вториот дел од истражувањето на патниците им било кажано да уживаат во нивната осаменост, а во третиот дел добиле инструкции да го прават она што обично го прават. Потоа учесниците пополнувале посебни прашалници и го евидентирале своето искуство. Исто така, тие пишувале колку уживале во возењето и колку се чувствувале продуктивни во текот на патувањето. Според резултатите, луѓето што разговарале со странец уживале во посреќно патување и поголема благосостојба од оние што не разговарале. Всушност, осамените луѓе имале најнегативно искуство.

Постојат многу истражувања што го потврдуваат ова. На пример, овие истражувачи откриле дека луѓето што разговарале со шанкерите во кафуле се чувствувале посреќни од оние што се брзале и си отишле веднаш откако го порачале кафето. Тие објаснуваат дека кратките разговори со странци создаваат чувство на припадност и затоа доведуваат до зголемување на среќата.

Се чини дека треба да ги заборавиме предрасудите што ги имаме кон другите луѓе. Ако сакате да разговарате со непознатата личност што седи до вас, направете го тоа - и на двајцата ќе ви помогне да станете малку посреќни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука