Падот на акциите и зголемувањето на каматните стапки доведоа до „лоша“ година за најбогатите луѓе во светот, пишува магазинот „Форбс“. Затоа не е чудно што оваа година имаме 28 милијардери помалку од минатата.
„Форбс“ изброи 2.640 милијардери во светот во 2023 година, кои заедно имаат 12,2 трилион долари, што е за околу половина трилион помалку од минатата година.
Французин е најбогатиот човек на светот
Илон Маск падна на второто место на листата со најбогати луѓе во светот за 2023 г. Таа титула сега му припаѓа на Бернард Арно, сопственик на најголемата компанија за луксузни стоки „LVMH“, чие богатство се проценува на 211 милијарди долари. Ова е првпат Французин да се најде на врвот на листата со најбогати луѓе во светот.
Повеќето милијардери се во САД
Најмногу милијардери и натаму доаѓаат од САД - дури 735. Следуваат Кина со 562 милијардер и Индија со 169 милијардери.
Факултетската диплома е добредојдена, но не и пресудна за финансискиот успех
Тројца најбогати луѓе во светот - Бернард Арно, Илон Маск и Џеф Безос дипломирале на престижни светски универзитети. Но, факултетската диплома не е неопходна за финансискиот успех.
Лери Елисон, кој се наоѓа на 4. место на листата на „Форбс“, Бил Гејтс, кој е на 6. место, и Марк Закерберг, кој е на 16. место, никогаш не дипломирале.
Сите тројца го напуштиле факултетот пред да ги основаат нивните успешни компании.
Најмладиот милијардер во светот
Просечниот милијардер има 65 години. Најмладиот милијардер во светот, пак, има само 19. Станува збор за Клементе дел Веки, син на успешниот претприемач Леонардо дел Веки, кој имал значителен удел во најголемата компанија за очила „Луксотика“. По смртта на неговиот татко, Клементе наследил една петтина од неговото богатство, односно околу 3,6 милијарди долари.
Бен Френсис е најмладиот милијардер за 2023 година што сам го создал богатството. Во 2012 година 31-годишниот Британец ја основал компанијата за спортска облека и додатоци „Џимшарк“, која благодарение на силното влијание на социјалните мрежи, сега вреди повеќе од милијарда долари.
Кога бил млад, тој доставувал пици за да купи машина за шиење за да го сошие својот прв комплет за вежбање во гаражата на неговите родители. Денес неговото богатство се проценува на 1,2 милијарди долари.
Извор:
Punkuferdnevnik.hr
Фото: Screenshot/YouTube