Што е најпотребно? Во секоја сфера на образованието најпотребна е реформираната настава која требаше многу одамна да се случи. Последнава ситуација уште повеќе повлијае на реформираното (задоцнето) образование и му направи типичен „пандемиски застој“
Второто наставно полугодие за оваа учебна 2019/2020 година и учениците и наставниците и сите просветари го завршуваме онлајн (учење, тестирање, оценување, комуницирање). Електронско учење на далечина, согласно препораките за работење во време на пандемија, кое значи само форма, а не и суштина.
А каква корист од тоа?
Проценете сами иако прилично многу е пишувано и зборувано за тоа во изминативе три месеци. Всушност, ние успеавме да ја запазиме онаа формална страна на наставата и редоследот на реализирање на наставните содржини во наставните програми, но, главната суштина (теоретска, па и практична) не е во целост исполнета. Не треба на децата да им се даваат разни квизови, туку заокружени целини. На суштина, мислам на непосредната интеракција, на пренесувањето на содржината: наставник-ученик-родител, затоа што не е исто - настава во училница на училиште и настава во „училница дома“.
Кредата и директната комуникација испишува и објаснува табли, а тоа кај телефонот и компјутерот го нема. Нема замена, дефинитивно. Како и да е, останавме доследни на реализацијата на наставата и на комуницирањето со учениците (што преку компјутер, што по телефон, итн...). Ново искуство за кое е потребна соодветна обука и подготовка и нормално услови за тоа. Услови на наставникот и услови на ученикот. Тука се во прашање и повозрасни просветари кои не така баш лесно се снаоѓаат, но сепак се активни на е-училница. Ја реализираат на некој начин. Не би сакал да издвојувам позитивни и негативни страни од ова да се каже „далечинско учење“.
Александар Адамовски
И не би сакал да должам, бидејќи јасна е пораката која што ни ја постави и веќе ја заокружува ваквата настава. Секој ученик, ќе има успех на крајот на учебната година, а секој наставник, е-портфолио од сработеното (несработеното) на ученикот за да предложи оценка. Има и исклучоци, се разбира, како и секогаш. Колку тоа ќе биде меродавно и какви последици ќе остави, нека покаже следната учебна година. Ја поздравувам трпеливоста, истрајноста и одговорноста на сите мои колешки и колеги, како и на сите ученици во ова наставно соочување. Оттука, не го заобиколувам ни фактот дека секогаш постои начин да се учи ако се сака и може и така да се биде и ефективен и ефикасен. И тоа е навика. Ете, така со електронската настава функционална на разни начини, па можеби навистина активна 24/7. Толку!
Што е најпотребно (а за кое е доста пишувано и говорено)? Во секоја сфера на образованието најпотребна е реформираната настава која требаше многу одамна да се случи. Последнава ситуација уште повеќе повлијае на реформираното (задоцнето) образование и му направи типичен „пандемиски застој“.
На што точно мислам? Мислам на темелни, наставни реформи почнувајќи од наставните планови и програми за работа (и методски, и формално...), во кои меѓу другото, мора да се најде начин учениците да бидат растеретени со наставни часови и предмети. Тие го заслужуваат најдоброто. Тие се главниот субјект во наставата. Така подобро и порелаксирано се функционира во еден наставен ден. Имаме ученици – генијалци, чија интелигенција е надпросечна и ученици кои секогаш можат да научат и да бидат подобри. Затоа, потребни ни се динамични ученици, а не изморени и поспани. Па дури потоа во некое идно време, може да се зборува за ефикасна онлајн-настава, но до неа и за неа потребни се: и организација и време. Без промена, немаат ефект ни семинари, ни собири, ни обуки...
Го почитувам ставот дека треба да му се даде предност на современото модерно учење, кое ќе се прилагоди на знаењата и интересите спрема возраста на учениците, а притоа да не се запостави традиционалното учење (за предмети каде што е потребно и неопходно) така што и понатаму да не „тапкаме“ во круг околу едно исто па исто. Бидејќи на тој начин се создава само монотонија, а потребна ни е флексибилност. А имаме, толку многу зрела и брза мултимедијална ученичка зрелост.
Велам, секоја чест на класичната настава која безмерно ја поддржувам и сакам. И таа е незаменлива. Ама во неа се читаше и се критикуваше прочитаното, се размислуваше со своја глава. Од неа излегле и изучиле успешни генерации. Сепак, креативноста и стилот на работење постои кај секој наставник, а за негова успешна реализација потребна е подлога според која со уште поголемо задоволство и со мерак ќе се одвива работата. Подлогата е сведена повторно на тој клучен збор - реформа, промена на застареното низ годините, со ново.
Потребно е МОН и БРО, со поширока образовна вклученост, сите да се здружат како заедница и да функционираат цел летен распуст без прекин, па и потоа. Во рамките на воспитно-образованиот процес, има многу за што да се дискутира и да се работи. Услови и алатки има, а постојат и стручни и професионални експерти во својата област чиј придонес би бил од значителна корист. Доволно е да се повикаат на маса, да отворат дијалог и дебата со ресорните министерства, за да дојдат до заедничко разбирање, до заедничка насока и визија, па дури потоа и до суштинската цел. Така започнува секоја промена. А до неа, што е можно побрзо. На тој начин со текот на времето, сигурно ќе биде видлив и значителен резултат. За некаква реализација, како и за многу други работи, имам впечаток дека кај нас постои една актуелна изрека: „полека, има време“... Само со волја и интерес, времето се победува и оди напред. Потребен ни е квалитет во образовниот систем со кој би се прилагодиле на современото општество.
За крај, можеби ќе звучам емотивно, но сакам да го кажам следново:
Драги ученици, како што мене лично ми недостигаат моите родители, така и Вие ми недостигате во училница. Таа љубов некако е безусловно поврзана. Знае барем секој наставник. Во тој свет храм на знаења, постои посебен образовен живот, постојат многу другарувања, радости и поплаки, цели Споменари со чувства и доживувања, трајни, а сепак безвремени. И може ли некој тој образовен свет да го замени и надополни? Секако дека не може... Затоа, искрено посакувам после летниот распуст повторно да заживеат училиштата и училниците, училиштните ходници и дворови. Нели со џагор ги личи.
Драги полуматуранти и матуранти, на сите Ви ја честитам полуматурата и матурата која секогаш можете да ја прославете и обележите на достоинствен начин. Зрелоста и убавината е со Вас. Вам, мили првачиња-колачиња, среќен да Ви е уписот во прво одделение. Малку порано, на сите ученици им посакувам среќно и успешно завршување на учебната година, убаво и пријатно лето! Бидете живи и здрави, насмеани и секогаш позитивни. Со нови сили и чекори, до нов септемвриски почеток. На сите почитувани колеги, наставници, им испраќам срдечен поздрав!
За волја на вистината, кога се сака и бескрајно се почитува една професија, човек секогаш е мотивиран и може да пишува и да говори за неа. Оти таа, се носи како траен белег и порив што тера и води накај благородното и возвишеното, убавото и доброто. Таква е привилегијата на наставничката професија за вредните, подготвените и посветените наставници, оние кои вистински ја сакаат и со задоволство ја работат. Вистинскиот наставник, го живее секој предизвик на својата професија, оти еднаш се раѓа таа љубов и вечно трае.
Пишува: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик