X
 21.06.2018 Живот

Зависноста од видеоигри официјално стана болест

Светската здравствена организација (СЗО) првпат ја смести зависноста од играњето видеоигри во Меѓународната класификација на болести. СЗО на овој начин ќе ги предупреди владите во светот за настанувањето на новата состојба и ќе се обиде да овозможи сите што патат од неа да добијат и соодветна здравствена помош.

Дијагнозата беше предложена од страна на лекарот Владимир Познјак, член на Одделот за ментално здравје и злоупотреба на супстанции при СЗО. Тој наведе три главни карактеристики што го дефинираат нарушувањето или зависноста од играњето видеоигри. Неможноста за контролирање на времето поминато во играње игри до таа мера што ги надминува сите други дневни активности; продолжувањето на таа состојба без оглед на јасните негативни последици и влијанието на прекумерното играње врз преостанатите аспекти од животот, фамилијата и образованието. За да се дијагностицира нарушувањето, наведените карактеристики мора да се евидентирани во последните 12 месеци, освен во исклучителни случаи кога дијагнозата може да се даде и порано.

Голем број експерти сметаат дека подигањето на свеста за постоењето на нарушувањето е многу важно за превенцијата. Сепак, тие тврдат и дека од ова нарушување патат само мал број луѓе што играат видеоигри, но поради големата популарност на тој вид забава, со тоа и со слични нарушувања почесто ќе се среќаваме во иднина.

Фото: Buka

Јужна Кореја е една од земјите што многу рано ги препознаа потенцијалните проблеми од зависноста од интернет и видеоигри и почна да се справува со нив во посебно опремени клиники. Сега нешто слично ќе среќаваме и во остатокот од светот. Причина за паника засега нема, а ако стравувате дека вие или некој ваш близок пати од зависност од видеоигри или технологија, вака изгледа листата со симптомите:
  • Сѐ повеќе време минувате пред компјутерот и на интернет;
  • Не можете да контролирате колку време минувате на компјутер или на интернет;
  • Ги запоставувате фамилијата, пријателите и другите обврски;
  • Бурно реагирате кога ќе ви се приговори дека премногу време минувате на компјутер или на интернет;
  • Се повлекувате од други активности во кои претходно сте уживале;
  • Останувате будни долго време за да седите на компјутер или на интернет наместо да спиете;
  • Кога не сте на интернет, нервозни сте.
Ова се само насоки и не треба да ги толкувате буквално. Ако сметате дека технологијата или видеоигрите премногу ви влијаат врз секојдневниот живот, посетете го својот лекар.

Единаесеттото издание на Меѓународната класификација на болести беше објавено по една недела откако едно 9-годишно девојче отиде на клиника за одвикнување од зависност од видеоигри, поточно од мегапопуларната „Фортнајт“. Девојчето скришум играло по цела ноќ, а кога татко ѝ пробал да ѝ го земе „Xbox One“, таа го удрила по лицето. Ситуацијата отишла толку далеку што девојчето се помочало бидејќи не сакало да ја прекине играта.

Прашањето е што правеле родителите и како не го препознале проблемот, а токму тие се оние што на децата мора да им ги објаснат правилата и да ги подготват за сите потенцијални предизвици во животот. Девојчето сега е на одвикнување. Наводно станува збор за само еден од низата случаи на зависност од „Фортнајт“, но треба да се напомене дека станува збор за најпопуларната игра на светот, со повеќе од 125 милиони играчи, па се очекува зголемување на бројот на проблематични случаи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот