Повеќе од 1.300 луѓе починаа од последиците на топлотниот бран кој од 21 јуни ја погоди Европа, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека екстремните горештини стануваат сè почести поради климатските промени.
- Повеќе од 1.300 дополнителни смртни случаи се забележани од 21 јуни поврзани со високите температури во Европа. Топлотниот стрес често се нарекува „тивок убиец“, а европските домови, работни места и училишта не се изградени за овие температури - наведе директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој наведува дека како последица на климатските промени и глобалното затоплување, феноменот на топлотен бран кој се случува „еднаш во една генерација“ сега се јавува речиси секоја година.
Директорот на СЗО предупреди дека Европа е континент што најбрзо се загрева и дека здравствените системи, како и инфраструктурата, се сè поизложени на притисок поради екстремните временски услови.
- Европа е континент на Земјата кој најбрзо се загрева, двојно побрзо од глобалниот просек. Во моментов 150 милиони луѓе живеат под екстремни горештини, стотици починаа, училиштата се затворени, мрежите се во дефект - истакна тој.
Тој додаде дека СЗО соработува со своите земји членки и партнери на решавање на здравствените закани што ги претставуваат екстремните горештини, фокусирајќи се на подготвеноста, превенцијата и посилниот одговор на здравствените системи“
Соборени температурни рекорди
- Ги поттикнуваме европските земји да спроведат акциски планови за здравјето при горештини, како дел од пошироката агенда за заштита на здравјето од климатските промени - порача Гебрејесус.
Предупредувањето доаѓа откако беа соборени температурни рекорди во Германија, Полска, Чешка и Унгарија, каде што се забележани екстремно високи вредности за ова време од годината.
Во Германија, според прелиминарните податоци, измерена е рекордна температура од 41,7 Целзиусови степени, во Полска е забележан историски максимум од 40,5 степени, во Чешка 41,1 степен, во Унгарија 40 степени.
Француското министерство за здравство денеска соопшти дека во земјата имало околу 1.000 повеќе смртни случаи од очекуваното.
Во соопштението се наведува дека голем број од дополнителните смртни случаи се меѓу лицата постари од 65 години, а забележан е и пораст на бројот на луѓе што умираат дома за 40 отсто.
Фото: magnific