Уписите во средните училишта во Херцеговско-неретвански кантон во Босна и Херцеговина започнуваат на 24 јуни, а на некои полуматуранти при уписот ќе им бидат понудени и стипендии доколку се решат за некоја од дефицитарните професии.
-Според потребите на економијата, во средното училиште за градежништво воведовме три занимања од трет степен на сложеност и тоа: керамичар-терацер, ѕидар-фасадер и декоратер на ѕидни површини. Во договор со градежните компании од септември годинава нудиме стипендија од 200 конвертибилни марки (околу 100 евра) месечно во текот на целото школување за сите ученици кои ќе се решат за едно од овие дефицитарни занимања - стои во соопштението од училиштето.
Оттаму велат дека за овој чекор се решиле затоа што тој кадар му е потребен на целиот регион. Градежните компаниии мака мачат со наоѓањето на квалификувана работна сила.
При смислувањето и носењето на наставниот план и програма, како што велат од училиштето, ги зеле предвид потребите на локалниот пазар на труд добиени од Службата за вработување и од економските субјекти.
-Нашето училиште формираше совет кој работи на планирање на содржините и програмите, го советува училиштето за сите прашања кои се однесуваат на обуката и помага во зајакнувањето на врската помеѓу училиштето и економијата - истакнаа од училиштето.
Во Босна и Херцеговина, како и во други земји од Балканот, има тенденција за имплементација на дуален систем на образование, кој е актуелен во Германија, Австрија и Швајцарија. Овој систем подразбира помал број на теоретски часови, а поголем број на практични часови, кои од почетокот на школувањето се одвиваат во претпријатија.
На овој начин се осигурува дека учениците непосредно по завршувањето на училиштето имаат загарантирано работно место во компанијата во која биле на практична настава, како и дека веќе го имаат сето неопходно
знаење.