Финската програма „Посетете ја арктичка Европа“, која е плод на соработка меѓу Финска, Шведска и Норвешка и под покровителство на Европската Унија, почна нова кампања со необична цел: поларните светлини (аурора бореалис) што се појавуваат на небото над Финска да добијат уникатни имиња.
Организаторите на кампањата велат дека ова би им помогнало на фотографите, туристите и другите луѓе да споделуваат фотографии на социјалните мрежи под едно заедничко име. Всушност, првата светлина го доби името Хари, по фотографот Хари Тарваинен.
- Сите што ќе пребаруваат за поларната светлина на „Инстаграм“ сега можат да го направат тоа и со помош на името и да видат како феноменот се појавил и се развивал во текот на различни временски периоди во денот во цела Финска - објаснува Тарваинен.
Досега кампањата привлече над 700 предлози за имиња. Додека првичната идеја беше да има небесни феномени именувани по ликови од митологијата на Скандинавија, сега листата со предлози вклучува имиња на деца, па дури и домашни миленици.
- Нашиот план е да ги разгледаме оправдувањата што стојат зад предлозите за името пред да донесеме каква било одлука. Секако, сакаме и да се осигуриме дека имињата имаат смисла од глобална перспектива - вели директорот на проектот.
Сепак, научната заедница е скептична во врска со кампањата за имиња. Како што објаснува Јурки Манинен од геофизичката опсерваторија „Соданкила“ на Универзитетот „Оулу“, проектот не е поврзан со наука, ниту има некаков договор со меѓународната научна заедница, иако имало дискусија за тоа.
За разлика од копнените бури и урагани, каде што прецизно се утврдени процедури и списоци со имиња, нема конкретни критериуми за поларната светлина. Другите временски појави во Финска обично ги црпат своите имиња од финскиот дневен календар за имиња. За поларната светлина, секој може да се логира на веб-страницата „Naming Aurorars“ за да даде идеја за име.
Поларната светлина е природна појава на светлина на небото, особено во поларните региони, предизвикана од судирот на наелектризираните честички под влијание на магнетното поле на Земјата. Поларната светлина обично се забележува ноќе, а настанува во јоносферата. Таа е позната и како поларна аурора или колективно, како поларни светлини (аурори).
Според финскиот метеоролошки институт, веројатноста да се види аурора во темна ноќ без облаци варира помеѓу 75 отсто на северот од земјата до еднаш во месецот во областа на главниот град и на остатокот од југот.
Фото: Facebook