X
 21.07.2018 Економија

Компанија од Нов Зеланд сака да воведе 4-дневна работна недела

Една компанија во Нов Зеланд, која тестирала експеримент во чии рамки работната недела за вработените траела четири дена, соопшти дека експериментот бил толку успешен што сака таа практика да остане.

„Перпетуал Гардијан“ неодамна ги објави резултатите од двомесечниот експеримент. Од компанијата истакнаа дека сите вработени покажале поголема продуктивност, подобар животен баланс и помало ниво на стрес.

Експериментот бил спроведен меѓу 240 вработени, кои добивале плата како за пет работни дена. Опитот започнал на почетокот од март и траел до крајот на април, а бил спроведен од надворешни истражувачи.

- Тоа беше само теорија, нешто што сакав да го пробам бидејќи сакав подобри услови за мојот тим - вели извршниот директор на компанијата, Ендрју Барнс.

Испитување спроведено минатата година покажало дека само 54 отсто од анкетираните чувствувале дека можат да воспостават рамнотежа меѓу приватниот и деловниот живот. По опитот тој процент се зголемил на 78 отсто. Исто така, нивото на стрес кај вработените се намалило за околу 7 отсто, а ангажманот во просек се зголемил за 20 отсто.

Според Џарод Хар од Технолошкиот универзитет во Окленд, кој е еден од истражувачите што го правеле експериментот, овој опит може да биде револуционерен начин на работа.

Барнс истакна дека вработените станале попродуктивни, минувале помалку време на социјални медиуми и активности што не се поврзани со работата. Еден вработен му кажал на извршниот директор дека прекинал да ги чита пораките од сопругата поврзани со потрагата по стан.

- Зошто не плаќам според резултати? Зошто плаќам за денови во канцеларијата - прашува Барнс.

Фото: Pixabay

Вработените дале и други идеи, како ставање мали знаменца на нивните бироа кога не сакаат некој да ги вознемирува.

Експериментот е особено значаен во Нов Зеланд, земја која има многу мала продуктивност во споредба со други земји.

Барнс му предложил на бордот во компанијата практиката да биде задржана засекогаш и вели дека таа може да биде пример за други фирми во светот.

- Резултатот е мотивирана, стимулирана, лојална работна сила полна со енергија - нагласува тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија