X
 30.03.2017 Наука

Нивото на олово во крвта влијае на интелигенцијата

Што е поголемо нивото на олово во крвта на детето, толку поголем ќе биде губитокот на коефициентот на интелигенција и ќе се одрази на професионалниот статус на возрасната личност, открива студијата која се спроведувала во текот на три децении и го потврдиле штетното влијание на тој невро-отров.

Децата кои во 70-те години биле изложени на испарување на бензин со високо присуство на олово, претрпеле значителен пад во коефициентот на интелигенција, се наведува во студијата.

Студијата опфатила повеќе од 500 деца родени во Нов Зеланд во 1972 и 1973 година, а тоа е период во кој бензинот содржел олово. Нов Зеланд тогаш бил една од земјите со највисоко ниво на олово во бензинот за автомобили.

Научниците од Универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина, ги следеле учесниците во студијата, од нивното раѓање до 38 година од животот и ги проценувале нивните когнитивни способности како што се расудување и паметење.

Земале примероци на крв од 565 деца во времето кога имале 11 години, за да го тестираат нивото на олово. Заклучиле дека лицата кои како деца имале повеќе од 10 микрограми олово на децилитар крв, како 38 годишни лица имале просечно за 4,25 поени помал коефициент на интелигенција, од учесниците кои како деца помалку биле изложени на олово.

Студијата потврдила дека со секое зголемување од 5 микрограми олово во крвта, лицето губи околи 1,5 поени во IQ.

Кај децата опфатени со студијата, процентот на олово во крвта бил 10,99 микрограми по децилитар крв во време кога имале 11 години, што е благо покачено ниво во однос на прагот кој се смета за загрижувачки.
Американските санитарни власти истакнуваат дека секој процент на олово во крвта се смета за штетен за децата.

Горивото постепено се повлекувало од пазарот во САД и Нов Зеланд од средината на 70-те до средината на 90-те години, но и денес се користи во некои земји во Азија и на Блискиот исток.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука