Данската влада предлага снижување на возраста за пензионирање на 61 година, соопшти тамошната премиерка Мете Фредериксен.
- Добрите, лојални Данци стануваат наутро и одат на работа со болки - можеби во грбот, колената, рамената или можеби едноставно сѐ ги боли. Ќе воведеме нов план за оние што најдолго биле на работното место. За оние што плаќале такси за време на професионалниот живот и работеле некои од најтешките работи - истакна таа.
Според новиот предлог, оние што работеле 42, 43 или 44 години ќе имаат право да се пензионираат една, две или дури и три години пред државната пензија.
Се очекува 38.000 лица да имаат придобивка од овој план најрано во 2022 година, истакнаа од данската влада.
Просечната возраст на пензионирање во Данска моментално е 67 години, а до 2030 година се очекуваше да се зголеми на 68 години.
Во меѓувреме, помладите генерации во Европа би можеле да работат во седумдесеттите години од животот бидејќи повеќето европски земји изгледаат подготвени да ја зголемат возраста за пензионирање во текот на следната деценија, покажуваат студии.
Истражување од Финскиот центар за пензии покажува дека повеќе земји во Европа ја приспособуваат возраста за пензионирање врз основа на животниот век наместо врз основа на примањата и придонесите. Се очекува повеќето од нас да живеат подолго и затоа би била потребна поголема државна поддршка.
Податоците од Европската комисија покажуваат дека економијата на Латвија ќе забележи најголемо зголемување на „трошоците на стареењето“, кои би можеле да се зголемат за 13 отсто до 2070
година.
Извор:
Euronews
Насловна фотографија: Pixabay