X
 22.10.2019 Живот

Џек Ма цела деценија подготвувал стратегија за „Алибаба“ да трае 102 години

Кога основачот на „Алибаба“, Џек Ма, се пензионира од компанијата минатиот месец, таа одлука не ја донел лесно.

55-годишниот Ма во септември 2018 година најави дека ќе се повлече од позицијата извршен директор, со што ќе ѝ стави крај на својата 20-годишна кариера. Но, тој неодамна откри дека овој план го имал подолго од една деценија.

На неодамнешната конференција за извршни директори „Форбс глобал“, Ма рече дека првпат ја добил идејата за пензионирање во 2004 година, кога еден инвеститор му рекол дека не е квалификуван за извршен директор. Но, тој почнал со планирање за пензионирањето дури во 2009 година, кога неговата компанија славела 10-годишнина.

jack
Фото: Jack Ma


- Токму тој ден почнав да размислувам дека треба да се подготвам за пензионирање. Тој ден одлучив дека на 20-годишнината, на 10 септември 2019 година, ќе отстапам од позицијата извршен директор - рече тој.

Ма често велеше дека би сакал компанијата што ја основал во 1999 година да трае 102 години. За да ја реализира својата визија, Ма и неговиот тим развиле стабилен систем на лидерство, кој вреднува нови начини на размислување и работење.

- Никогаш не треба да имате копија од Џек Ма. Еден Џек Ма е премногу за компанијата. Затоа изминатите 10 години се обидовме да изградиме систем: систем што има правилно лидерство, систем што може да создава, да прави, да открива и да обучува многу лидери - изјави Ма.

Тоа вклучувало проучување на Декларацијата за независност на САД, системот на британскиот Парламент и римската политика, со цел да се оствари вистинска меритократија.

- Поминавме една година дискутирајќи и дебатирајќи за системот... каде што лидерите можат да се борат за визија, мисија и вредност на компанијата - изјави Ма.

- Компанијата никогаш не треба да зависи од Џек Ма. Џек Ма ќе остари. Џек Ма ќе стане глупав. Џек Ма ќе се разболи, ќе доживее сообраќајна несреќа или што и да е. Компанијата треба да зависи од лидерскиот систем. Културата е важна. Луѓето се важни. Системот е тој што ја одржува компанијата жива 102 години, а не една личност - вели Ма.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот