X
 21.08.2026 Наша тема

Македонски успех на светско ниво: Битолски симулатор за стоматолошка обука победи на глобалниот натпревар на Logitech, во конкуренција од над 280 проекти

Симулаторот за стоматолошка обука во виртуелна реалност, развиен од битолски инженерски тим, беше избран за најдобро решение во категоријата Logitech MX Ink меѓу повеќе од 280 пријавени проекти.

Иновативен симулатор за стоматолошка обука во виртуелна реалност (DentiXR – Dental Training Simulator), целосно развиен во Битола од компанијата Cythero, е победник на DevStudio 2026 предизвикот, односно глобален натпревар за софтверски програмери, дизајнери и иноватори организиран од светскиот технолошки гигант Logitech.

Завршницата на натпреварот се одржа на 10 и 11 јуни во седиштето на Logitech во Лозана во Швајцарија, во рамките на иновацискиот парк на престижниот
швајцарски универзитет EPFL. На повикот беа пријавени повеќе од 1.500 учесници со над 280 проекти. По повеќемесечен процес на оценување, развој и селекција, во големото финале беа избрани само шест тима, по три во двете натпреварувачки категории.



Меѓу најдобрите светски решенија се најде и македонскиот DentiXR, кој на крајот беше прогласен за победник во категоријата посветена на Logitech MX Ink -
напредно дигитално пенкало за работа во мешана и виртуелна реалност.

Стоматолошка ординација претворена во виртуелна училница

- DentiXR е создаден со цел висококвалитетната практична стоматолошка обука да стане подостапна за студентите и образовните установи. Преку очила за виртуелна реалност (VR) и прецизното пенкало Logitech MX Ink, студентите можат да вежбаат стоматолошки постапки во безбедна, контролирана и повторлива виртуелна средина. Решението овозможува стекнување практични вештини без ограничувањата на традиционалните симулатори, кои најчесто се скапи, неподвижни и бараат посебен простор, сложено одржување и дополнителна опрема - велат од победничкиот тим од Битола.



DentiXR овозможува обука за отстранување кариес, поставување пломби, работа со стоматолошки инструменти, светлосна полимеризација и развој на мануелната прецизност. Платформата се развива како решение што ќе можат да го користат и универзитетите и самите студенти.

Секој студент да добие сопствен симулатор за практична обука


- Проектот произлезе од јасно препознаен проблем во стоматолошкото образование – потребата студентите да добијат поголем пристап до реална и
повторлива практична обука. Технологијата MX Ink ни овозможи оваа идеја да ја претвориме во попрактична и подостапна платформа за стоматолошка обука.
Секоја процедура достапна во DentiXR е развиена и тестирана во тесна соработка со реномираните македонски стоматолози, докторите и орални хирурзи Андреја и Радица Рендевски - истакнува проф. д-р Никола Рендевски, основач на Cythero.



DentiXR ја спојува виртуелната реалност со стоматолошкото образование и отвора можност секој студент да добие пристап до сопствен симулатор за практична работа. Напредната стоматолошка симулација не треба да биде привилегија достапна само во мал број богати и добро опремени универзитетски центри, туку алатка што може да се користи во училница, лабораторија или во домот на студентот.

Од Битола до светската технолошка сцена


Во развојот на симулаторот, покрај Рендевски, беа вклучени и инженерите Константин Вељановски, Елена Ѓорговска и Наиле Емини. Cythero e компанија изградена исклучиво од информатички инженери од Битола, кадри произлезени главно од Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, предводена од проф. д-р Никола Рендевски. Знаењето, стручноста и креативноста на нејзиниот тим се создадени и развивани токму во Битола, што покажува дека и од еден регионален универзитетски центар можат да произлезат инженери способни да создаваат производи конкурентни на светскиот пазар.



Инженерскиот тим посочува дека патувањето во Лозана претставувало многу повеќе од учество на натпревар. Добиле можност да застанат меѓу најдобрите светски проекти и да ја претстават иновацијата пред водечки експерти за инженерство, дизајн, развој на производи и иновации.

-Не бевме горди само поради наградата, туку и поради чувството дека една мала компанија од нашиот регион може да биде забележана и почитувана на ваква
светска сцена - наведуваат од тимот.

Голем интерес за примена на иновацијата


Победата, како што додаваат, им донела дополнителна мотивација, самодоверба и одговорност да продолжат со развојот на DentiXR, за кој интересот од светски стоматолошки универзитети е голем. И EPFL Alumni асоцијацијата ја честита победата на DentiXR како еден од првиот Logitech DevStudio Challenge.

Тие се во комуникација со Стоматолошкиот факултет во Скопје, каде што ќе се изврши пилот-имплементација на симулаторот, а ќе донираат и лиценци за факултетот и македонските студенти по стоматологија. Веќе е планирана и примена на иновацијата во САД, Финска, Грција, Хрватска, Словенија, Италија и други земји.

Победата на глобалниот натпревар претставува значајно признание за македонскиот технолошки и иновативен сектор. Со оваа победа, Битола и Македонија уште еднаш покажаа дека врвни технолошки решенија со светски потенцијал можат да се создаваат и надвор од големите глобални иновациски центри. За победниците, наградата во Лозана не е крајна цел, туку почеток на нова фаза во развојот и меѓународното позиционирање на DentiXR.



Порака до младите - локалното знаење може да добие глобална вредност


Победата на глобалниот предизвик на Logitech не е изолиран успех, туку најновото признание во повеќегодишниот развој на Cythero како македонска компанија со силно меѓународно присуство. Симулаторите и решенијата за обука во виртуелна реалност во индустријата SprayVerse и WeldVR развиени од битолскиот тим денес се користат во повеќе од 200 организации низ светот. Меѓу нив се образовни установи, стручни центри, индустриски компании, автомобилски производители, јавни институции и организации од одбранбениот сектор низ целиот свет.

Оваа инспиративна приказна испраќа значајна порака до младите: светски технологии, успешни компании и меѓународно признати производи можат да се
создаваат и во Македонија. Кога квалитетното образование ќе се поврзе со претприемништвото, визијата и упорноста, локалното знаење добива глобална
вредност.


Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема