X
 02.09.2024 Наша тема

Легендарниот спортски новинар Зоран Мишевски слави 30 години кариера: „Ќе продолжам да го живеам сонот што го имав уште од предучилишна возраст“

„Јас не се гледам во друг свет од овој, поврзан со спортот и медиумите. Низ годините работев во сите видови медиуми, од телевизија и радио, до прес и веб и секој има своја магија. Кога имате пристап каков што имам јас, цел живот тоа што ви е хоби ќе ви биде и работа“.

Го нарекуваат легенда во македонското, а и во европското спортското новинарство. Прво, по огромната љубов и посветеност кон спортот и професијата, по чистата и концентрирана мисла во коментаторството, моќта брзо, јасно и течно да зборува неколку јазици, по огромен број известувања од светски натпревари, интервјуа со спортски ѕвезди, по тоа што понудите за работа во странство не го натераа да ја напушти родната Битола и Македонија и по несмалената желба да известува за спорт дури и во услови кога негови колеги ја напуштаат професијата. Зоран Мишевски овој септември слави 30 години плодна кариера во спортското новинарство.



- Јас не се гледам во друг свет од овој, поврзан со спортот и медиумите. Низ годините работев во сите видови медиуми, од телевизија и радио, до прес и веб и секој има своја магија. Кога имате пристап каков што имам јас, цел живот тоа што ви е хоби ќе ви биде и работа. Но, реалност е и тоа дека само во последните 4-5 години десетина мои колеги, голем дел од нив пријатели и познајници, се одлучија да свртат нов лист и да го напуштат новинарскиот повик. Оваа професија воопшто не е лесна и вреднувана во Македонија, па многу професионалци кои инвестирале многу во себе целосно се откажуваат од новинарството. И тоа го прават за сметка на сосема поинаков избор на професија или заминување во странство. Интелектуалниот труд мора повеќе да се цени, вреднува и плати, бидејќи оваа работа нема свое стриктно работно време, нема слободен викенд, не е секогаш канцелариска работа и често е предизвик за настани кои не знаеме што може да донесат, а тоа воопшто не е лесно - вели Мишевски.



Првпат во етер на седум години - ги имитирал југословенските коментатори

На прашањето кога кај него се роди сонот да биде спортски коментатор, вели дека тоа му било желба уште од предучилишна возраст.

- Кога тргнав на училиште веќе знаев сè за спортот, за коментирањето, за предизвикот. Секогаш ме привлекувал спортот, долги години играв фудбал, речиси 15 години професионално се занимавав и со шах, но предодредено беше да бидам спортски новинар, спортски коментатор - додава тој.

На седум години го имал првиот директен контакт со микрофонот, откако во Радио Битола ги имитирал познатите спортски коментатори од поранешна Југославија. Гостувал во емисијата на Димче Миновски, кој веднаш и без да го тестира го пуштил во етер.



- Беше одлично искуство за едно младо момче. Се сеќавам дека на почетокот од школските денови бев дел од новинарската секција и благодарение на Соња Тантарова, многу брзо ги запознав медиумите, начинот на работа, познатите лица од ТВ и радио. Во тој период магијата на радиото уште беше на прво место - вели Мишевски.

Спортски новинар со илјадници настапи, преноси, извештаи, јавувања

Во септември се навршуваат триесет години од неговиот прв ангажман како спортски новинар во телевизија „Тера“ во Битола. Мишевски уште работи во истата ТВ-куќа, веќе десетта година е и уредник на популарната спортска веб-страница Gol.mk, трета сезона коментира за Спортклуб, соработува со многу ТВ и радиостаници од Македонија, администратор е на официјалната веб-страница на ракометната ѕвезда Кирил Лазаров, а има и повремени меѓународни ангажмани. Со децении соработува со италијанскиот „Tuttosport“ и шпанскиот „DIARIO AS“, па повремено негови текстови се објавуваат и во овие милионски тиражни весници. Тој е прес-офисер на ЕХФ клупските натпреварувања на ракометниот шампион на Македонија „Еурофарм Пелистер“.



- Имам илјадници настапи, преноси, извештаи, јавувања. Работам настани и од домашниот и од меѓународниот спорт, врвни големи натпреварувања и домашни шампионати. Особено ме инспирираат големите настани и работата од теран. Често патувам и ги следам спортските настани во живо, голема е разликата меѓу натпреварите во живо и пред ТВ-екраните – вели Мишевски.

Најрадосен со успесите на македонските репрезентации

Известувал од многу европски првенства, над стотина финалиња на натпреварувањата на УЕФА, над сто натпревари во Серија А во Италија, десетици завршни турнири на кошаркарската Евролига, десетици европски и светски првенства во ракомет, уникатни искуства на тенискиот Дејвис куп и уште многу, многу други.

- Особено ми е драго што во живо бев сведок и работев на најголемите и најважни натпревари на македонската фудбалска и ракометна репрезентација. Со фудбалерите сум уште од првиот официјален натпревар против Данска во 1994 година, до Европското У21 првенство во Полска, историскиот бараж-меч во Тбилиси, сите натпревари на Европското првенство во 2021 година и двата мундијалски бараж-меча во Палермо и Порто. Исто така, со ракометарите сум на десетина големи натпреварувања, меѓу кои и историското Европско првенство во Србија во 2012 година кога го освоивме четвртото место - вели Мишевски.
Едно од најубавите спортски доживувања му е голот на Александар Трајковски во Палермо и победата над Италија. Најтажен - неуспехот на ракометарите на Олимписките квалификации во Полска во 2016 година.



Азар рекол дека не знае англиски, а Мишевски му возвратил да зборуваат на француски

Имал директно интервју или интервјуа заедно со други колеги со многу познати спортски имиња: Мишел Платини, Новак Ѓоковиќ, Жељко Обрадовиќ, Ергин Атаман, Валеро Ривера, Даниел Костантини, Диего Симеоне, Еден Азар, Хуан Карлос Наваро, многу италијански фудбалери и тренери, многу луѓе од светот на ракометот и слично. Во разговорите и градењето пријателски и професионални мрежи му помага тоа што е полиглот и одлично зборува англиски, италијански, шпански и француски. Солидно разбира и германски и португалски јазик.

- Интересно беше интервјуто со Еден Азар по натпреварот Белгија – Македонија во Брисел. Иако Белгијците победија, Азар, тогаш во зенитот на формата, не беше најљубезен во микс-зоната. Дури и одби првично да зборува под изговор дека не знае англиски. Тоа секако не е вистина бидејќи неговиот англиски е одличен. Сепак, тогаш јас побарав да зборуваме на француски, иако во тој момент го изучував овој јазик и не го говорев перфектно. Сепак, 5-10 минути зборувавме на француски и извадив интересна приказна од тој натпревар - вели Мишевски.



Го интервјуирал и тенисерот Новак Ѓоковиќ, а на располагање имал само пет минути. Во такви моменти треба да се остане концентриран и да поставуваат едноставни и кратки прашања.

- Трема не постои, туку само предизвик и љубопитност дали може со некоја теза или прашање да предизвикаш реакција и кај врвните спортисти. Имам повеќе омилени спортисти, па еве би го издвоил Зидан, со кого имав можност да зборувам на прес-конференција - вели Мишевски.

Над сто дена во годината следи и известува за спортски настани во странство

Досега имал многу понуди да работи во Скопје, па и во странство во голема спортска организација. Но, вели дека е човек од теренот, сака да следи настани, да патува, а не да минува време во канцелариска работа. Па дури и поволна финансиска понуда не би го премислила, па дециден е: „Ќе продолжам да го живеам својот сон“.



- Спортски гледано Битола е град кој е најемотивен и најпасиониран. Ми одговара темпото на живот, големината на градот и приоритетните спортови во градот. Често патувам низ Македонија и низ Европа и во последните десетина години во просек поминувам над сто дена годишно надвор од нашите граници. Сепак, добро сум организиран и се обидувам да надополнам што често патувам подолго до еден настан, до аеродром, до стадион... – раскажува Мишевски,

За тридеценискиот јубилеј планира да организира посебна манифестација во есенските месеци и да го одбележи овој плоден период на работа заедно со своите колеги и пријатели. Деталите уште ги подготвува, па ќе бидат еден вид изненадување.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема