Истражувањата постојано покажуваат дека финскиот образовен модел е најдобар во светот. Ако е точно тоа, тогаш што можеме да научиме од него?
Финското образование е едноставно. Нема униформи и има најкратки училишни денови во Европа. Сепак, земјата постојано е на врвот на светската ранг-листа кога станува збор за образованието. Овој образовен систем нема тестови, а постои само еден испит со кој се одлучува запишувањето на ученикот на факултет.
Аксели Уханен е професор по филозофија и сега е извршен директор на фестивалот за учење во Хелсинки наречен „Осмели се да научиш“.
- Мотивирани сме долгорочно, а тоа обезбедува подобри резултати и се шири од ученик до ученик - изјави тој. Според него, отстранувањето на стандардизираните тестирања е единствениот највреден фактор за одржливо учење во финските училишта.
Фото: iStock
Постои мала варијација во резултатите помеѓу училиштата низ целата земја - што укажува дека до одреден степен доброто образование може да го изедначи нивото на учениците. Децата се групирани во одделенија според возраста, а не според способноста, водени од поимот еднаквост во јадрото на системот. Резултат е намалување на јазот во постигнувањата и помалку деца што се обесхрабрени од училиштето.
Дел од успехот на Финска му се припишува на наставниот кадар, кој треба да има положено голем број испити за да може да предава во училиште. Наставниците треба да имаат најмалку магистрирано, а оваа професија е една од најценетите во земјата и најдобро платена. Финските наставници со искуство над 15 години во просек заработуваат околу 38.000 евра годишно.
Тие имаат огромна слобода во нивните училници и различен стил на предавање. Помалку од една четвртина од финските кандидати за наставници биле примени да студираат во 2016 година.
- Образованието ја подигна Финска од сиромаштијата и ја претвори во една модерна социјална држава во период од 100 години, и токму поради тоа Финците го почитуваат. Образованието нема ќор-сокак, што значи дека и покрај изборот на училиштето, учениците секогаш имаат пат до високото образование - вели Аксели Уханен.
Тој ја негираше идејата дека слободата што им е дадена на наставниците довела до претерано традиционално искуство на учење каде што доминираат учебниците.
- Проблемот е во тоа што новите методи не се шират од една до друга училница. Секој наставник мора сам да ги открива идеите - вели тој.
Наставниците се убедени дека успехот на финските ученици се должи на една работа - играта. Финските деца не започнуваат да одат на училиште до седмата година, со што тие се најстарите првачиња во светот.
Финците имаат цврсто верување во тоа да се остават децата да бидат деца, а податоците покажуваат дека подоцнежното одење на училиште не е на штета на нивното учење. Кога се на училиште, децата имаат 15 минути игра по секои 75 минути учење; тие одат надвор на пауза и се поттикнувани да бидат физички активни.