Кога станува збор за најдобро образование во светот, Финска е на врвот на многу интернационални листи. Очигледно дека и тоа не е доволно, па сега надлежните се со план за нови револуционерни промени во наставата.
Финските власти сакаат да ги укинат
училишните предмети од наставата, односно да нема часови по физика, математика, литература, историја или географија. Шефот на Одделот за образование во Хелсинки, Марјо Килонен, објаснува:
„Има училишта што држат настава по застарен модел од кој имало бенефит на почетокот на 1900ите – но, потребите не се исти и потребно ни е нешто што ќе се вклопи во 21 век.“
Стандардните предмети ќе бидат заменети со истражување и изучување на настани и феномени во интердисциплинарен формат. На пример, Втората светска војна ќе биде изучувана од историски, георгафски и математички аспект. Ќе има и курсеви од типот „Работа во кафуле“, на кои учениците ќе се здобиваат со знаења за англиски јазик, економија и комуникациски вештини.
Главната цел на промените е да не се дојде до ситуација тие да си поставуваат прашања зошто го изучуваат одреден предмет, туку да имаат можност да ја изберат темата што ќе ја изучуваат, а истовремено треба да бидат свесни и за своите капацитети и амбиции.
Овој систем за почеток ќе биде применет кај ученици од 16 годишна возраст и поголеми, а промени ќе има и кај помалите ученици. Имено, тие нема да седат за училишните клупи зад кои често стануваат анксиозни додека да им дојде ред да одговараат на прашања, туку ќе дискутираат за проблеми во помали групи.
Промените во образовниот систем подразбираат и поголема соработка меѓу наставниците. За таа цел, околу 70% од наставниот кадар во Хелсинки веќе има отпочнато подготовки за новиот начин на работа, за што ќе добијат и дополнителни парични надоместоци. Измените се очекува да се применат во целост до 2020 година.