X
 21.09.2018 Живот

Кина воведува застрашувачки надзор на луѓето, животот ќе зависи од поени

Подготовката за имплементацијата на овој проект траеше со години. Мрежа за распространето технолошко масовно набљудување какво што светот нема видено. И веќе е вклучено.

„Социјалниот кредитен систем“ на Кина, кој се очекува да биде целосно оперативен до 2020 година, не е направен само да ги набљудува оние речиси 1,4 милијарда жители. Дизајниран е и да ги контролира и да ги сузбива, во рамките на голем експеримент со социјален инженеринг кој некои луѓе го нарекоа „гејмификација на доверба“. Гејмификација значи вметнување на некои елементи и начела на игра во контекст кој не е се однесува на игри.

Тоа е така затоа што големиот проект е за доделување индивидуални поени на доверба на секој граѓани и бизнис.

Според кинеската Комунистичка партија, системот ќе им дозволи на доверливите слободно да шетаат, додека на оние дискредитираните ќе им го отежни и правењето еден единствен чекор.

За да се изведе ова, досега невидената шема ќе го впрегне големиот досег на кинеската технолошка инфраструктура, а тука се вклучени околу 200 милиони безбедносни камери.

Идејата е овие будни очи да се поврзат со системите за препознавање лица и да се врши вкрстена проверка со финансиските, медицинските и правните досиеја - а целиот апарат ќе биде регулиран и интерпретиран од напредни мрежи на вештачка интелигенција.

Далекосежната дистопија на сето ова е необично слична на телевизиското шоу „Црно огледало“ (Black Mirror), но крајната цел на Кина оди подалеку од тоа.

- Ова е потенцијално сосема нов начин на кој владата би можела да ги раководи економијата и општеството. Целта е алгоритамско владеење - истакна Мартин Чорземпа од Институтот за меѓународна економија „Питерсон“.

За така сложен план, суштината на социјалниот кредит е едноставна. Во локализирани пилот-програми, кои веќе се функционални низ кинеските градови, на граѓаните им се даваат бодови. За позитивни дела, како плаќање на сметките навреме, вклучување во добротворни акции и сортирање на отпадот, граѓаните добиваат повисоки поени, со што имаат пристап до бенефиции како подобри кредитни олеснувања, поевтин јавен превоз, па дури и пократко време на чекање за услуги во болниците.

Фото: Pexels

Но, ако ги прекршите правилата, внимавајте. Луѓето што ќе доцнат со плаќањата или ќе бидат фатени како невнимателно преминуваат преку улица или пушат на места каде што не е дозволено, ќе бидат казнети.

Во она што се опишува како „дигитално диктаторство“, бодовите се под влијание на секој прекршок, што значи дека тие навлекуваат финансиски казни, па дури и забрани за патување.

Тоа му се случило на истражувачкиот новинар Љу Ху, кој вели дека новиот систем му ја уништил кариерата откако бил ставен на црна листа поради обвинувања за владина корупција. Бил оценет како „нечесен“, му бил суспендиран пристапот до железничкиот превоз и неговите профили на социјалните мрежи (на кои имал околу 2 милиона следбеници) наводно биле изгаснати, правејќи го неговото работење невозможно.

Лицата не се единствениот предмет на оваа гејмификација. Тука се опфатени и компаниите во Кина, но и странските бизниси.

Истражувањата во Кина покажуваат дека првичниот систем веќе е популарен кај социјално привилегираните граѓани, кои веќе уживаат во придобивките од пилот-програмата.

Со други зборови, играта започна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот