Повеќе од 70.000 жени учествуваа на протестниот марш кој на почетокот од август се одржа на улиците на Сеул, барајќи од владата на Јужна Кореја да ги заштити од тајните камери поставени на јавните места предвидени за пресоблекување.
Тие снимки од тоалетите, училишните соблекувални или од работните места во последните месеци завршуваа на порнографски страници, а на нив се гледаат полуголи или целосно соблечени жени како се пресоблекуваат. Од страв да не завршат на некоја порнографска страница, жените почнаа на таквите места да користат маски.
Покрај забраната за дистрибуција на порнографијата, таквите снимки се користат како реклама за страниците за проституција или како порнографска содржина.
- Мажите ги снимаат жените и снимките ги објавуваат на интернет. Сите оние што го прават тоа треба да бидат строго казнети - истакнаа жените, кои и на протестот носеа маски.
Во последните години бројот на шпионските камери во таа земја се зголеми на 6.500. Многумина ги користат своите мобилни телефони за да снимаат, но се користат и мини-камери на запалки, часовници или дури и на вратоврски. Меѓу осудените мажи што снимале со такви камери се и универзитетски професори, лекари, свештеници и полицајци. За таквото кривично дело се добива парична или условна казна затвор.
Ова беше трет протест на жените поради неказнувањето на
сторителите, претежно мажи. Во јуни беа околу 20.000, а во јули околу 30.000.