X
 21.09.2024 Живот

Поради жештините, туристите од Медитеранот ќе се селат кон северот на Европа

Климатските промени ќе бидат одговорни за голема туристичка револуција до 2100 година. Медитеранот нема да биде тоа што беше. Посетите на медитеранските земји во летните и во есенските месеци веќе се намалени за 10 отсто. Туристите повеќе сакаат да ги посетуваат Чешка, Данска, Ирска и Бугарија, се вели во извештајот на Европската комисија за патувања за кризи во туризмот.

Поради сè понепријатните топлотни бранови, југот на Европа може да има пад на побарувачката за своите туристички понуди, додека посеверни дестинации уживаат поголема популарност. Сепак, дури и постудените дестинации не можат да сметаат дека им доаѓа добро време.

Топењето на глечерите и помалку снег на Алпите, кои годишно привлекуваат 120 милиони туристи, ќе се одрази на ски-туризмот. Извештајот за туристичката криза на ETC предвидува дека во блиска иднина четвртина од алпските одморалишта ќе бидат затворени поради недостиг на снег на ски-центрите под 1.500 метри надморска височина. До крајот на векот се очекува алпските скијачки центри да имаат 80 снежни дена помалку годишно отколку сега.

Во едно од осум глобални ски-центри ќе нема снег, предвидува извештајот. Од друга страна, би требало да се зголеми побарувачката за одморалишта на повисоки надморски височини.

Соочена со двојно побрзо затоплување од глобалниот просек, Швајцарија се бори со недостиг на снег обидувајќи се да ги привлече туристите на други активности како што е возењето велосипед.

Афинитет кон малку поладни дестинации веќе може да се забележи во Шпанија, каде што туристите трошат повеќе во поладните крајбрежни региони отколку во потоплите. Во летата помеѓу 2019 и 2023 година, потрошувачката на постудените локации се зголемила во просек за 45 отсто, а на потоплите за 35 отсто.

Покрај жештините, проблеми создаваат и климатските појави, како суши, пожари и поплави, природни катастрофи како земјотреси и општествено-политички и економски предизвици како војната во Украина, инфлацијата, политичките услови и терористичките напади. На ова треба да се додадат и компјутерскиот криминал и другите технолошки кризи.

Се чини дека Европа ќе остане земја во „трајна криза“ како што изјави Светската здравствена организација во 2022 година.

Извор: Forbes.n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот