Во 2013 година животот на Харисон Окини се сменил засекогаш. На 29-годишна возраст овој жител на Нигерија работел како готвач на брод. Бродот се превртел поради голем бран и потонал на дното на морето. Притоа, сите патници загинале, освен Окини. Неговата приказна е неверојатна.
За време на несреќата, која се случила пред 5 часот наутро, сите патници биле во своите кабини. Меѓутоа, Окини ја напуштил својата соба и бил во тоалетот кога се случила несреќата. По превртувањето на бродот, Окини успеал да ја отвори вратата од тоалетот и видел повеќе колеги како потонале во морето.
Тој бил повлечен низ ходникот во една кабина, но потоа открил воздушен џеб во тоалетот, кој му помогнал да преживее три дена под водата. За да избегне хипотермија, тој успеал да направи повеќе простор над водата со гребење на ѕидот од тоалетот.
- Сè околу мене беше црно и бучно. Плачев и го повикував Исус да ме спаси, многу се молев. Бев многу гладен и жеден, ми беше студено и само се молев да видам некаква светлина - раскажал тој.
По околу 60 часа откако потонал бродот, екипата што била на мисија да ги извлече телата од потонатиот брод го пронашла Окини, кој удирал од внатрешноста кога слушнал различни звуци. Според спасувачите, никој не знае како воздушниот џеб не се наполнил со вода.
Во тој момент кожата на Окини се лупела од водата, а неговото тело апсорбирало големо количество азот. Ако веднаш го изнеле на површината, ќе добиел срцев удар. Затоа, спасувачите полека го воделе до површината, а потоа поминал два дена во специјална просторија за нормализација на телесниот притисок.
Тогаш тој дознал дека е единствениот преживеан во несреќата. Во мисијата биле извлечени 10 тела, а едно никогаш не било пронајдено.
- Не знам што ја сопре водата да ја наполни таа соба. Го повикував Господ. Тој го направи тоа. Беше чудо - изјавил Окини.
По несреќата, тој се заколнал дека нема да се врати во океанот, но две години подоцна станал лиценциран комерцијален нуркач. Нуркачот кој го спасил му ја доделил дипломата.
Извор:
My modern met
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)