X
 25.09.2018 Живот

Мистерија стара 76 години: Зошто тој ден се удавиле 338 лица?

Бродот „Квин Мери“ во септември 1942 година пловел кон Шкотска пренесувајќи 10 илјади сојузнички војници од Северна Америка до Европа. Тежел 81.000 тони и требало да пренесе засилување. Светлата боја на бродот била сменета со сива камуфлажа за да се пренесат цели дивизии од целиот свет. Војниците не патувале во прва класа. Биле среќни ако воопшто имале легло.

- Во кабините немаше место. Имавме кабина за двајца, а внатре бевме 14 лица. Кревети на три нивоа. За да стасаме еден до друг, моравме да ги тргаме торбите од подот. Освен кога спиев таму, времето претежно го поминував надвор. Тоа не беше удобно за патување - раскажува еден од преживеаните војници.

Капетан на бродот „Квин Мери“ бил  Илинворт. Тој и неговиот екипаж од 900 лица довеле 10.000 Американци за да се борат во Европа, но првин морале да ги избегнат германските подморници.

Големиот линиски брод бил примарна мета на торпедата. Хитлер нудел 150.000 фунти за оној капетан на подморница што ќе го потопи „Квин Мери“. Сигурноста на линискиот брод зависела од неговата брзина. Најголемата брзина на подморниците под вода е 5 јазли. Бродот „Квин Мери“ можел да достигне 20 јазли повеќе.

Подморницата едноставно била пребавна за да заземе позиција за напад. Би ѝ била потребна поголема среќа, речиси натприродна количина среќа за да може да се носи со брзата мета како таков прекуокеански линиски брод.

Заканите за бродот не доаѓале само од море, туку и од воздух, доколку се најдел во дострел на германските бомбардери.

Бродот „Курасао“ во 1918 година
Фото: Wikipedia

На 2 октомври 1942 година биле испратени бродови на Кралската морнарица за да ја придружуваат „Квин Мери“ до заливот, а еден од нив бил и 4.500 тони тешкиот крстосувач „Курасао“. Бил претворен во воздушна одбрана. Дванаесет набљудувачи го гледале небото во потрага по германски авиони. „Курасао“ водел конвој од 6 разурнувачи од Лондондери во Северна Ирска за да ја дочекаат „Квин Мери“. Главен на конвојот и на екипажот на „Курасао“ составен од 439 луѓе бил капетанот Џон Боутвуд, кој имал 25-годишно искуство на море. Овој брод бил изграден за борба во 1916 година, во текот на Првата светска војна. Тоа не бил нов брод, а се знае дека бродовите со текот на годините пропаѓаат.

Одеднаш, патувајќи со брзина од 28,5 јазли, „Квин Мери“ го удрила „Курасао“ и го преполовила. Загинале 338 лица. Трагедијата и денес ги прогонува преживеаните.

- Тоа не смееше да се случи. Одиш во војна за да се бориш против непријателот, а не против своите - вели еден од нив.

По повеќе од половина век од несреќата нуркачи неодамна се спуштија во водата за да видат дали на местото на ударот има докази. Кога се приближија до целта, почнаа да го извлекуваат предниот дел од превртениот труп. Забележаа дека предниот дел е поголем, 91,4 метар од носот до крмата на бродот. Видоа и каде удрил носот на воениот брод „Квин Мери“. Нуркачите се изненадени од аголот и од начинот на кој штитовите биле свиени како хартија. Сега се чека одговорот на прашањето дали катастрофата била трагична несреќа или грозна немарност?
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот