Веќе подолго време има иницијатива за потпишување договор за земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот, но засега најизвесно е дека тој договор ќе го парафираат Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои пред неколку години постигнаа договор за намалување на цените. Кон договорот сакаа да се приклучат и Албанија и Косово, а сега сè поголеми се надворешните притисоци да има согласност за тоа, пишуваат
медиумите од
регионот.
- Во април следната година во Белград ќе биде одржан самит и Европската комисија очекува тогаш да се потпише договор за укинување на роамингот за Западен Балкан - вели српскиот министер за телекомуникации Расим Љајиќ.
Договорот е за четири земји, но за Западен Балкан се подразбира вклучување и на Албанија и Косово. Допрва ќе се види дали ќе се укине роамингот за Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора или ќе се чека можеби потпишување на договор за цел Западен Балкан во април. Едната идеја е да се потпише договор само за четирите наведени земји, а тоа практично би значело дека роамингот би бил укинат летото 2021 година.
Според Љајиќ, за приспособување и подготовки ќе бидат потребни две години. Кога станува збор за четирите наведени земји, тоа би можело да се заврши релативно брзо, но има политички спор во врска со другите, односно со Косово.
Сепак, сигурно е и дека на операторите не им се брза со укинувањето на роамингот бидејќи од тоа добро заработуваат.
Во минатото имаше иницијатива за целосно укинување на роамингот на просторот на Западен Балкан, односно и тие земји да се приклучат кон Директивата за укинување на роамингот во ЕУ, но од тоа немаше никаков резултат.