Венецуелската серија „Касандра“ беше толку популарна на Балканот што ѝ беа посветени песни, голем дел од децата добиваа имиња по ликови од серијата, но серијата влијаеше и врз безбедносната ситуација. Ова е приказна за уникатна теленовела-миротворец.
Сагата за една девојка која како бебе била заменета и дадена на сиромашни ромски чергари да живее во циркус, а потоа на 18 години се вратила во родниот град каде што е нејзиното милионерско вистинско семејство и ја открила вистината за сопственото потекло, ги поттикна луѓето да ги гледаат сите 150 епизоди.
Во тој период повеќегодишната војна во поранешна Југославија беше на самиот крај, но политичките и општествените превирања продолжија и конфликтот не беше решен.
- Беше тоа многу бурно време и всушност сфатив дека оваа серија е како седатив за целата област. Без оглед на тоа што го доживуваа луѓето, барем на еден час можеа да се
одвојат од суровата и крвава реалност во која живееја за да се нурнат во
љубовната приказна на Касандра- рече Антонио Паез, заменик-извршен продуцент на „Корал пикчрс“.
Војна, кревок мир и серијата
Во 1997 година содржината на Касандра ги држеше во неизвесност и гледачите на Република Српска, еден од двата ентитети на Босна и Херцеговина.
Крвавиот конфликт беше заменет со кревок мир.
Од воените години до 1997 година, Република Српска беше предводена од спротивставени политички фракции на претседателот Радован Караџиќ и неговата наследничка Билјана Плавшиќ, што ја загрозуваше стабилноста. Главен град на Република Српска стана Бања Лука, вториот по големина град во БиХ, а Караџиќ имаше свое упориште во Пале, во близина на Сараево.
Караџиќ веќе беше обвинет за воени злосторства, додека Билјана Плавшиќ имаше поддршка од Америка. Државната телевизија СРТ, највлијателна меѓу жителите, се наоѓаше во Пале и ја контролираше Караџиќ, а имаше репетитори на целата територија на Република Српска.
Преку овој канал Караџиќ и неговите сојузници испраќаа пораки до босанските Срби против мировните сили на НАТО и ширеа негативна пропаганда за Америка, Европа и Дејтонскиот договор.
Но, во август 1997 година, поддржувачите на Билјана Плавшиќ ја презедоа контролата врз предавателите на СРТ и го прекинаа сигналот. Кога почна преносот на програмата, за брзо време се појави проблем - немаше епизоди од „Касандра“ што публиката со нетрпение ги очекуваше.
Не беа загрижени само уредниците на СРТ, туку и владата на САД.
Американска интервенција
Стејт департментот во времето на претседателот Клинтон стравуваше дека прекинот на популарната сапуница може да предизвика незадоволство, па дури и внатрешни конфликти кои ќе ја загрозат владата на Билјана Плавшиќ во Република Српска.
Продуцентот Антонио Паез беше поканет од претставник на Стејт департментот.
- Почнав да разговарам со еден човек кој ми рече: „Слушај, не можам да ти кажам како се викам во моментов. Ја продадовте серијата на еден јавен сервис. Прекинато е прикажувањето, а ние сакаме да ја задржиме во етер. Ситуацијата ескалира, па потребна ни е ваша помош да продолжиме со емитување - раскажува Паез.
Паез неколку пати се обиде да ги повика уредниците на телевизијата, па на крајот стигна до директорот.
- Да, и ние сакаме да се врати серијата, како можеш да ни помогнеш? - го праша човекот од телевизијата.
Но, Паез ги пребарал договорите на „Корал пикчрс“ и открил дека на СРТ никогаш не ѝ биле продадени правата за емитување на „Касандра“. Кога се јавил во Бања Лука, му било кажано дека телевизијата пиратски емитувала епизоди од ТВ-станица во Белград затоа што немала пари да ја купи серијата.
Паез се обидел да го натера американскиот Стејт департмент да плати за теленовелата, бидејќи тие беа заинтересирани повторно да се емитува, но не успеал.
- Не, не смее да се знае дека ние на кој било начин учествуваме во ова - одговорил американскиот функционер.
На крајот, извршниот директор на „Корал пикчрс“ одлучил да ја подари серијата, бидејќи им била толку важна.
Вистински ѕвезди
„Касандра“ се врати во етерот, а поради својата популарност, Кораима Торес и нејзините колеги отпатуваа на Балканот во 1998 година, каде што беа пречекани како рок-ѕвезди, особено во Македонија.
Кораима Торес и Енри Сото во посета на Битола
Фото:
Facebook
- Тешко е да се споредува, но изгледаше како „Битлси“ да дојдоа во градот. Сите лудуваа, а обожавателите се онесвестуваа и врескаа. Многу девојчиња родени во тоа време се викаа Касандра - раскажува Паез.
- Мојот агент ми рече дека сме поканети. Што да правам? Јас не сум пејачка. Имаше луѓе насекаде, од сите генерации. Сите беа излезени на улиците. Имаше еуфорија, врева и музика. Бев опкружена со радост, врескање, огномет, балони и ја почувствував сета таа љубов - се присетува актерката.
Битолчани ги пречекуваат ѕвездите на „Касандра“
Фото:
Facebook
Во 1997 година Кораима Торес ја посети и Србија: Белград, Нови Сад и Ниш заедно со нејзиниот колега Енри Сото кој го толкуваше ликот на Ранду.
Хит низ целиот свет
Во текот на 90-тите години низ светот владееше лудост за сапуници. Мелодраматичните латиноамерикански сапуници, со претерани и потресни љубовни приказни, заедно со стариот сон - од трње до ѕвезди, станаа глобален феномен.
За кратко време теленовелите станаа извозен производ во други земји од шпанско говорно подрачје, но и надвор од тие граници, достигнувајќи повеќе од 100 земји.
„Корал пикчрс“ имаше канцеларии во Каракас и Мајами и беше дистрибутер на теленовели за светскиот пазар.
- Сите серии беа многу популарни во тоа време, дури отворив неколку нови пазари, како руски и кинески. Подоцна, теленовелите беа хит, на пример, во Израел. Бевме популарни во целиот свет - вели Паез.
Паез е среќен што бил дел од оваа еуфорија.
- Луѓето се заљубија во приказната и мислам дека им донесе мир и чувство на нормалност. Приказната за сиромашни луѓе што се збогатуваат секогаш ги допира луѓето, бидејќи тие гледаат девојка како Кораима која прво имала тежок живот и била третирана лошо, а потоа воскреснала и станала кралица, а во исто време е убава. Сето ова им дава надеж на луѓето - вели Паез.
Тој се чувствува почестен што нивната серија помогна да се спасат животи.
- Никогаш не сум слушнал за телевизиско шоу кое било толку популарно што помогнало да се постигне мир, но серијата го направи тоа. Навистина придонесе за мирот во регионот - вели тој.
Извор:
BBC