Кога технички дефект на ракетата на „Спејс екс“ во февруари минатата година го осветли небото над Западна Европа со огнени траги, остана отворено прашањето дали нејзините остатоци ја загадија атмосферата. Научниците сега успеаја директно да го поврзат неконтролираното враќање на ракетата со облак од литиум измерен на височина помала од 100 километри над планетата, со што е воспоставена првата јасна врска меѓу конкретен вселенски отпад и загадување во атмосферата.
Неочекувана можност за истражување
Истражувачите веќе го проучувале влијанието на вселенскиот отпад врз атмосферата кога на 19 февруари 2025 година дошло до дефект на ракетата „Фалкон 9“. При влегувањето во Земјината атмосфера, леталото изгорело, претворајќи се во огнени топки видливи над Ирска, Англија и Германија, пред неговите остатоци да паднат на земјата. Во местото Коморники во Полска еден маж пронашол фрагмент со димензии од приближно 1х1,5 метар зад својот магацин.
Професорот Робин Винг од Институтот за физика на атмосферата „Лајбниц“ во Германија заедно со својот истражувачки тим користел ласерска технологија за да детектира метални атоми ослободени од конструкцијата на ракетата, која била изработена од легура на алуминиум и литиум.
Значителна количина загадувачи
Во соработка со професорот Џон Плејн од Универзитетот во Лидс, научниците утврдиле дека концентрацијата на литиум по должината на патеката на ракетата нагло се зголемила. Професорот Винг објаснува дека во атмосферата секојдневно достигнуваат меѓу 50 и 80 грама литиум од ситните метеори.
- Една ракета „Фалкон 9“ содржи околу 30 килограми, што е значително повеќе - вели професорот.
Долгорочните ефекти од ова загадување врз атмосферата засега не се познати, но истражувачите предупредуваат дека последиците би можеле да бидат негативни.
- Најмногу нè загрижуваат алуминиумот и алуминиумските оксиди кои влегуваат во интеракција со озонската обвивка - посочува Винг. Ваквите промени би можеле да ја нарушат структурата на аеросолите во атмосферата и нивната улога во регулирањето на климата и температурата.
Проблем што се шири
Научниците истакнуваат дека ваквите случаи би можеле да стануваат сè почести, особено откако Илон Маск, основач на „Спејс екс“, најави планови за лансирање на еден милион сателити во наредните години. Претходни истражувања укажуваат дека веќе околу 10 отсто од аеросолите во атмосферата се контаминирани со вселенски отпад. Се проценува дека во орбитата моментално има речиси 30.000 парчиња отпад настанат од распаднати ракети и сателити.
- Се надевам дека ако сега почнеме со мерења, ќе успееме да ги предвидиме можните проблеми пред да станат сериозни - вели професорот.
Компанијата „Спејс екс“ не им одговорила ниту на медиумите ниту на истражувачите кои ги доставиле резултатите од своите анализи.
Регулативата заостанува
Сè поинтензивните активности во вселената значат и поголем број објекти што ќе се враќаат во атмосферата. Минатата година група истражувачи од НАСА и повеќе универзитети ги повикаа Обединетите нации заштитата на Земјината орбита да ја вклучат во целите за одржлив развој. Дел од експертите бараат построга примена на постојните вселенски договори и попрецизна регулација на отпадот.
Извор:
Avaz.ba
Фото: Twitter