X
 30.05.2018 Култура

Дали ЕУ ќе ги забрани пластичните предмети за секојдневна употреба?



Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, вчера во Брисел ги претстави новите европски правила во врска со производите од пластика за еднократна употреба, чија цел е намалување на загадувањето на морињата и бреговите.


Пластични шишиња во вреќи
(Фото: Pixabay)


Затоа, Европската комисија предлага забрана на десетина пластични производи кои најчесто се наоѓаат во отпадот од пластика што ги загадува морските води: пластични стапчиња за чистење уши, пластични стапчиња за балони, пластичен прибор за јадење, а се предвидува и значително намалување на употребата на пластични шишиња за пијалаци, пластични чаши, пластични контејнери за храна, пластични кеси и пластична амбалажа за пакување производи. Производителите на тутун, пак, во иднина ќе имаат обврска да помагаат при чистењето на догорчињата, како и производителите на влажни марамчиња.

Пластиката енормно ги загадува европските мориња и плажи


Наведените пластични производи зафаќаат дури 70 проценти од ѓубрето што може да се најде на европските плажи, како и половина од вкупниот отпад што се фрла во морињата. Пластиката многу бавно се разградува во природата, па затоа е многу проблематична во контекст на чистење на околината, а директно негативно влијае врз многубројни животински видови што живеат во морињата. Смртоносните остатоци од пластиката се наоѓаат во телата на пцовисаните желки, риби, делфини и китови, но така влегуваат и во човечкиот синџир на исхрана. ЕК смета дека досегашните состојби на работите нанесуваат штета и во економска смисла, преку високите трошоци за одржување на чистотата, но и дека ја загрозуваат туристичката индустрија, од еколошки аспект.

ЕК со новите правила, кои се дел од Акцискиот план за циркуларна економија, има намера да поттикне рециклирање на околу 90 проценти од произведените пластични шишиња, а инвестициите во рециклирањето би требало да создадат триесетина илјади нови работни места во ЕУ.

Предлогот на Европската комисија сега се упатува кон Европскиот парламент и Европскиот совет, а се очекува да биде усвоен најдоцна до мај идната година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура