„Фолксваген“ произведе канцелариска фотелја која има електричен погон и може да се движи со брзина до 20 километри на час.
Електричниот стол има цел да го направи работниот ден позабавен, а опремен е со електричен мотор, ЛЕД-светла, сирена, систем за забава, па дури и кука за приколка. Иако изгледа како стол од иднината, тој е всушност дизајниран за да покаже некои од одликите на комерцијалните возила на германскиот автопроизводител. Системот за забава овозможува прикачување музика и друга содржина, а има и УСБ-полнач.
Досегот на столчето со едно полнење на батеријата е 12 километри, што значи дека корисникот може да се вози „од состанок до состанок“ без никакви грижи.
Дел од столот е инфозабавен систем со општи информации за овој технолошки уред, а има и камера со сензори, одговорна за безбедно враќање назад. На задната страна има и простор за „багаж“, на пр., лаптоп или поважни документи. Столот е опремен и со кука за приколка доколку треба да донесете повеќе „багаж“ на состанокот или, пак, за превоз на колега/колешка.
Столот на „Фолксваген“ засега нема да се продава, туку ќе биде достапен за демонстрација во Норвешка.
Извор: МИА