X
 21.11.2023 Живот

Пет работни места кои вештачката интелигенција може наскоро да ги замени

Поради зголемувањето на примената на вештачката интелигенција во многу индустрии, како роботите за автономна испорака или автономно такси, многу е лесно да се замисли дека вештачката интелигенција ќе замени некои работни места во иднина.

Ова го поткрепува извештајот на Глобалниот институт Мекензи, според кој, до 2030 година до 30 отсто од работните часови во американската економија би можеле да бидат автоматизирани.

Познатиот експерт за вештачка интелигенција Марк Миневич, кој неодамна објави нова книга на оваа тема наречена „Нашата планета напојувана од вештачката интелигенција“, се согласува со овие предвидувања и додава дека роботите наскоро ќе преземат пет работни места.

- Работните места за кои верувам дека се изложени на ризик да бидат заменети со вештачка интелигенција во наредните години се касиери, телемаркетери, возачи на камиони, сметководители и радиолози - тврди тој.

Тој објаснува дека касиерите вработени во супермаркетите и трговските центри се ранливи бидејќи компаниите како „Амазон“ инвестирале во автоматизирани продавници.

- Телемаркетингот е зрел за промени преку разговорна вештачка интелигенција и чет-ботови кои може да звучат уверливо - вели тој и додава дека голема промена ги очекува и возачите на камиони.

- Возачите на камиони ќе се соочат со голем пресврт со порастот на автономните возила, кои ќе се закануваат на милиони работни места низ светот - вели овој експерт.

Во однос на тоа зошто работата на сметководителот може да биде заменета, Маневич додава дека книговодствените и сметководствените улоги се состојат од повторливи задачи за податоци кои наскоро ќе бидат обработени од алгоритми.

Тој верува дека и радиолозите наскоро би можеле да бидат заменети со вештачка интелигенција со алгоритми за длабоко учење кои веќе одговараат или ги надминуваат перформансите на човекот.

Тој објаснува дека луѓето треба да се фокусираат на развивање креативни способности, кои ќе биде најтешко да ги реплицира вештачката интелигенција.

- За да не бидат заменети со вештачката интелигенција, од клучно значење е луѓето да работат на развивање на нашите најприродни способности: креативност, емоционална интелигенција, флексибилност и стратешко размислување. Работните места кои вклучуваат генерирање идеи, интеракција со луѓе и донесување сложени одлуки ќе бидат најтешки за реплицирање со вештачката интелигенција - заклучува тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот