X
 22.01.2019 Живот

Зошто жените се порелигиозни од мажите?

Во речиси сите земји во светот жените се порелигиозни од мажите. Неодамнешни истражувања покажуваат дека во САД има разлика од 12 поени меѓу двата пола во однос на религиозноста.

Според една студија, еден од факторите што придонесуваат за тоа е тоа што мажите се посклони кон преземање ризици. Еве како авторот на студијата, Џон Хофман, ја објаснува врската меѓу склоноста кон ризици и религиозноста.

- Си припомнивме дека одамна филозофот и математичар Блез Паскал предложил дека верувањето во Бог е стратегија за избегнување ризици и дека неверувањето е ризично. Потоа ги споивме идеите дека жените се порелигиозни од мажите, дека мажите обично повеќе преземаат ризик од жените и дека вклученоста во религиозноста може да е животна стратегија за избегнување ризик за да дадеме претпоставка дека склоностите кон ризик може да објаснуваат дел од разликата меѓу половите во однос на религиозните верувања и однесувања - објаснува Хофман.

Оваа теорија Хофман првпат ја претстави во 1995 година во книгата „Ризици и религија: Објаснување на разликите меѓу половите во религиозноста“, во која главната порака беше дека штом ќе се земат предвид склоностите кон ризик, познатата разлика во религиозноста меѓу мажите и жените се губи. Како и да е, подоцнежните студии не ги дадоа истите резултати, веројатно поради грешки во методологијата, вели Хофман.

Новата студија е обид да се копираат и потенцијално да се продолжат тие иницијални резултати. За да ја направи студијата, Хофман анализирал податоци од три истражувања. Во овие извори биле забележани склоностите кон ризици, религиозноста и демографските варијабли на 22.745 американски адолесценти.

Откако ги споредил податоците, резултатите покажале дека кај мажите има поголема веројатност за преземање ризици, додека жените се посклони кон религиозноста. Дополнително, разликата во религиозноста кај мажите и жените речиси исчезнала кога преземањето ризици служело како главна варијабла.

Сепак, Хофман предупредува дека студијата не докажува дека склоностите кон преземање ризици целосно ја објаснуваат разликата во религиозноста меѓу мажите и жените и дека студијата е фокусирана само на млади лица.

Што друго може да ја објасни разликата во религиозноста меѓу половите?

Како што социолозите Омар Лизардо и Џесика Колет еднаш напишаа, разликата во религиозноста меѓу половите сè уште е автентична научна загатка. Повеќето објаснувања велат дека за тоа е одговорна или природата или воспитувањето. Сепак, тоа е дебата која веројатно нема да биде решена наскоро.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот