Мажите многу повеќе ѝ наштетуваат на животната средина отколку жените, заклучија научници во нова студија.
Тим од европски истражувачи ги споредил навиките за купување на мажи и жени од Шведска и го споредил влијанието на нивниот избор врз климата. И покрај тоа што потрошиле само 2 отсто повеќе пари за производи отколку жените, набавките и однесувањето на мажите предизвикале 16% повеќе емисии на јаглерод од жените, покажува истражувањето. Тоа се базирало на официјални податоци за трошење од 2012 г. - што биле најновите достапни податоци. Се чини дека има ист тренд и на глобално ниво, што посочува дека постои забележителна разлика според полот во однос на тоа до кој степен луѓето го уништуваат светот околу нив.
- Мажите навистина можат да учат од навиките на трошење на жените, кои создаваат значително помалку емисии на јаглерод и покрај сличниот износ на трошење - изјавила за Си-ен-ен водечката авторка на студијата Аника Карлсон-Канјама, пренесува „Фјучуризм“.
Разликата во најголем дел е поради фактот што мажите трошат повеќе пари на автомобили, а со тоа и на бензин, за разлика од жените, за кои било поверојатно да патуваат со воз. Исто така, било утврдено дека мажите јаделе повеќе месо, кое се поврзува со повеќе емисии - родова склоност во исхраната за која претходни истражувања покажаа дека ја има во цел свет. Иако само промените на личниот животен стил нема да бидат доволни за запирање на климатските промени со кои се соочува Земјата, важно е дека секој мал чекор помага.
Зборувањето за овие родови разлики може да доведе до непријатност, забележува Карлсон-Канјама. Никој не сака да слушне дека нивниот начин на живот е дел од проблемот, но неуспехот во истражувањето и соопштувањето на влијанијата на изборите на мажите врз климата би биле пропуштена можност за политичарите.
- Политиките, на пример во транспортот, треба да бидат насочени кон мажите за да ги обесхрабрат да трошат толку многу на гориво и да не користат толку многу автомобили. Клучно е владите во нивните обраќања да им објаснат на мажите колку се високи емисиите предизвикани од нивното трошење - истакнува Карлсон-Канјама.
Извори:
Futurism,
CNN
Фотографија: Unsplash