Уделот во буџетот за платите на вработените е речиси двојно поголем од трошоците на ДСД за храна на станарите, покажа истражувањето на МОФ
Студентите сместени во трите студентски дома во Скопје: „Кузман Јосифовски – Питу“, „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ имаат само 61 денар дневно за храна, покажа анализата на Младинскиот образован форум (МОФ). Оваа бројка ја добиле кога ги споредиле трошоците за 67 договори за обезбедување храна од склучените 193 договори за јавни набавки.
- Ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, доаѓаме до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите. Ако набавената храна се спореди со вкупниот број корисници на студентските мензи, доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат 1 килограм свинско и 472 грама говедско месо месечно - изјави Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ.
Целта на двете истражувања на МОФ, кои ги презентира денеска, е да се види и утврди во колкава мера буџетот на Државниот студентски дом и неговото трошење ги задоволува потребите на станарите во трите дома. Просечниот буџет изнесува 3,5 милиони евра, за 10 месеци престој на студентите, плати за вработените и трошоци за функционирање на домовите.
Уделот во буџетот за платите на вработените е речиси двојно поголем од трошоците на ДСД за храна на станарите, покажа нивното истражување.
- Теренското анкетирање беше направено во трите студентски дома, на скала од 1 до 5 квалитетот на живот е оценет со 2,5 а отскокнува оцената на станарите во „Гоце Делчев“ 3,7. Најголем недостиг се забележува кај средствата и простории за учење, како и компјутери и читалници. Генерално станарите се незаинтересирани за начинот на работа на домовите. Животот во студентски дом го избираат токму поради ниската цена за домување, добивање легло и оброци. Станарите велат дека поради низок степен на грижа и одржување хигиена од страна на станарите, домовите се наоѓаат во состојбата во која се, но од друга страна, за ова значително придонесуваат ниските средства со кои располага ДСД - изјавија од МОФ.