Негативците се филмски ликови што обожаваме да ги мразиме затоа што честопати нè забавуваат многу повеќе од суперхероите и добрите ликови. Тие се контроверзни и немилосрдни во реализирањето на нивните пеколни планови. Иако многу работи се одбивни во врска со нив, поседуваат изопачен шарм поради кој со нетрпение ја очекуваме секоја следна сцена во која ќе се појават.
Корисниците на веб-страницата „Ранкер“ имаа можност да гласаат за десет омилени филмски негативци на сите времиња. И покрај големите имиња од хорор-филмовите до иконите од „Марвел“, на врвот на листата се најде Џокер, кој во 2008 година Хит Леџер го оживеа во филмското остварување „Темниот витез“ на Кристофер Нолан.
Овој култен антихерој е уникатен вид негативец за кој навиваме. Хит Леџер успеа на Џокер да му даде тродимензионален слој каков што не се постигнува често, а тоа го препознаа и гледачите и критичарите.
Во текот на снимањето Леџер водел дневник исполнет со записи и цртежи што служеле како инспирација за Џокер.
Хит Леџер почина во 2008 година, по земање смртоносна мешавина од различни лекови. Животот го изгубил непосредно по снимањето на филмот „Темниот витез“, а за неговата верзија на Џокер постхумно му беа доделени многубројни признанија, вклучувајќи и „Оскар“ за најдобар актер во споредна улога.
Фото: Imago / EntertainmentPictures
Неговиот татко Ким, по смртта на Леџер, откри колку тој бил посветен на подготовката за улогата.
- Се заклучуваше во хотелската соба и не излегуваше со денови. Работеше на градење на својот лик. Тоа беше типично за него. Таков беше. Сакаше да се задлабочи во својот лик, но овој пат отиде предалеку - изјавил во една пригода Ким.
Режисерот Кристофер тврди дека Леџер отишол кај него барајќи да го игра Џокер. Бил „гладен“ за таа улога.
Покрај победникот Џокер, на листата со најголеми
филмски негативци се најдоа доста познати имиња:
1. Џокер - „Темниот витез“
2. Дарт Вејдер - серијалот „Војна на ѕвездите“
3. Ханибал Лектор - „Кога јагнињата ќе стивнат“
4. Лорд Волдеморт - серијалот „Хари Потер“
5. Фреди Кругер - „Кошмар на улицата на брестовите“
6. Џек Торанс - „Сјаење“
7. Палпатин - серијалот „Војна на ѕвездите“
8. Агентот Смит - серијалот „Матрикс“
9. Т-800 - „Терминатор“
10. Магнето - серијалот од филмот „Екс-мен“