X
 22.01.2020 Култура

Почина Тери Џонс, основач на „Монти Пајтон“


Тери Џонс, еден од основачите на „Монти Пајтон“ и режисер на три од славните играни филмови на „Moнти Пајтон“, почина на 77-годишна возраст, соопшти неговиот агент.

- Тери почина на 21 јануари 2020 година на 77-годишна возраст, а неговата сопруга Ана Содерсторм беше покрај него, по долга, екстремно храбра битка со ретка форма на деменција - соопшти неговиот агент.

- Во текот на изминатите неколку дена неговата сопруга, децата, поширокото семејство и блиски пријатели постојано беа со Тери. Изгубивме добар, смешен, топол и креативен човек чија бескомпромисна индивидуалност, немилосрден интелект и вонреден хумор им дадоа задоволство на милиони луѓе во текот на шест децении.

Во 2016 година Џонс и неговото семејство откриле дека има фронтотемпорална деменција.

1
Фото: PA


По „Монти Пајтон“, Џонс работеше на голем број проекти. Со Палин тој ја создаде успешната ТВ-серија „Возбудливи приказни“ и изгради режисерска кариера со „Лични услуги“, „Ерик Викингот“ и „Ветрот во врбите“. Тој создаде серија ТВ-документарни филмови (специјализирани за средновековната историја), напиша речиси 20 детски книги и многу коментари за „Гардијан“ и „Опсервер“.

По студирањето англиска литература на „Оксфорд“, во 1969 година Џонс и Пелин им се придружиле на дипломираните студенти од „Кембриџ“, Џон Клиз и Греам Чепмен и на аниматорот Тери Гилијам во комична серија на Би-би-си.



Серијата „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“ траеше до 1974 година и беше една од највлијателните серии во историјата на Би-би-си. Таа создаде голем број културни фрази и инспирира цела генерација комичари.

„Житието на Брајан“ за Џонс беше можност да се докаже како соло-режисер. Објавена во 1979 година, оваа сатира се покажа како голем комерцијален хит, предизвикувајќи и глобална контроверзија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура