Пред неколку години, Би-би-си почна да ја емитува новата документарна хит-серија „Сината планета 2“ (The Blue planet 2). Успехот на оваа серија се должи на
сер Дејвид Атенборо, легендарен филмаџија со голем број документарци зад себе.
Сер Атенборо сè уште преку своите документарци се обидува на луѓето да им го доближи фасцинантниот свет на животните и на дивината, теми кои ги обработува и во серијалот „Сината планета 2“. Серијалот се прикажува цели 16 години по првиот документарец „Сината планета“.
Неуморниот Дејвид Атенборо кариерата ја почнува во Би-би-си во далечната 1952 година. Оттука и идејата да се присетиме на неговите досегашни успешни серијали.
„Планета Земја“ (
Planet Earth, 2006)
Овој револуционерен документарец се снимал три години, а во времето кога настанал бил најскапиот документарен производ на Би-би-си дотогаш. Сето тоа на крај се исплатило, со оглед на тоа што документарецот донесе спектакуларни снимки од животот на Земјата снимени во ха-де резолуција, какви што не биле видени нити на филм, нити на телевизија.
Серијата прикажува неверојатен спектар од пејзажи кои се протегаат од етиопските вулкани, преку најголемата азиска пустина Гоби, до прашумите на Нова Гвинеја и најдлабоката пештера на светот, Вороња во Грузија.
„Африка“ (
Africa, 2013)
Во овој документарец, Атенборо нè води на импресивно патување низ делови од најстариот континент, што го карактеризираат најголеми разноликости во биотопите кои ги познава светот. Ни прикажува цел дијапазон на африканскиот пејзаж – од пренаселените џунгли, преку саваните со кои господарат лавовите, до пустините каде што е невозможен животот.
„Африка“ е најконтроверзниот серијал на Атенборо, со оглед на тоа што е опсипан со осуди поради епизодите во кои ја снимил смртта на младо дехидрирано слонче. „Најлошото што го имам доживеано е бебе слонче кое умира од жед“, рекол тогаш потресениот Атенборо.
Но, додал дека неговата улога е да ја документира природата и сите настани што се случуваат во неа, независно колку биле брутални, бидејќи токму таквиот пристап овозможува реален увид во светот на дивината.
„Сината планета“ (
The blue planet, 2001)
Светот на животните никогаш не изгледал толку чудно како во „Сината планета“. Со помош на модерна технологија, Дејвид Атенборо и неговата екипа нурнаа до неверојатните длабочини на океанот за да ни ги прикажат чудесните и бизарните суштества што го населуваат.
Серијата која се снимала пет години ги покрила сите слоеви на светските океани – од самата површина каде што владеат кралските пингвини и други птици до сè поголемите длабочини во кои ни ги открива рибите што одат и чудесниот заводнички танц на австралиските лигњи, што ја менуваат својата боја.
„Замрзната планета“ (
Frozen planet, 2011)
Овој документарец е снимен 10 години по „Сината планета“, на Арктикот и на Антарктикот, и е единствениот приказ на животот во најстудените подрачја на Земјата. Но, и овој филм предизвикал одредени контроверзи.
Имено, на „Нетфликс“ во моментов се достапни шест епизоди без заклучната седма епизода. Причина за тоа е што последната епизода, именувана „На тенок мраз“ (On thin ice), го прикажува влијанието на климатските промени, а токму таа тема била причина за разни полемики во тогашните политички кругови во САД.
Во интервју за „Рејдио тајмс“, Атенборо објаснил: „Податоците што ги собравме преку сателитски снимки во последните 40 години, покажуваат пад од 30 отсто на мразот од рабовите на Арктичкото море кон крајот на секое лето“. Тогашниот британски политичар, Лорд Лосон, ги отфрлил тврдењата на режисерот, а во Америка дури 10 ТВ-станици се откажале од емитување на последната епизода поради страв дека приказот на климатските промени ќе влијаел на претседателските избори во 2012 година.
„Живот“ (
Life, 2009)
Десетте епизоди од серијата „Живот“ целосно се снимени во ха-де резолуција и веројатно овој е најамбициозниот проект на Атенборо. Серијалот го покрива целосниот живот на Земјата, а сите снимки се направени со хај-спид камери кои снимаат 8000 слики во секунда, што на гледачите им го презентира секој момент од животинскиот свет на начин кој дотогаш не бил забележан со ниедна камера.
Тука се прикажани некои од незаборавните сцени од документарците за природата, воопшто. Меѓу нив се издвојува забавениот кадар на базилиск кој трча преку вода, па заради своите натприродни способности го нарекуваат гуштерот Исус, и ретко видениот љубовен танц на колибрите со долги опашки.
„Животот на цицачите“ (
The life of mammals, 2002)
Во овој серијал, Атенборо снимил неверојатно лични сцени во кои изгледа како животните да му позираат. Во сцената кога ќе се најде очи во очи со орангутанот среде џунгла во Борнео, добиваме многу интимен увид во односот помеѓу човекот и во моментов еден од најзагрозените видови примати.
„Животот на птиците“ (
The life of birds, 1998)
Овој документарец е посебен по тоа што не се фокусира толку на визуелното, колку на звуците. Всушност, тој е прв документарец во кој звуците не се дополнително снимани, туку секој звук од птиците е оригинален и од сцената што во тој момент се прикажува.
Една од најпознатите сцени е онаа во која Атенборо успеал да сними чудесна способност на австралиските птици лири (lyrebird) да имитираат звуци, од гласовите на другите птици, до имитирање звуци на фотоапарат или моторна пила.
„Личниот живот на растенијата“ (
The private life of plants, 1995)
„Животот на растенијата“ настанал 22 години по едно од најдобрите дела на Атенборо. Користејќи ја тогаш револуционерната техника „time-lapse“, филмот прикажува растенија во растење и развивање, така што на гледачите по првпат им се покажува дека растенијата се многу поактивни отколку што ни се чинело.
„Дејвид Атенборо: Раните години“ (
David Attenborough: The early years, 2013)
Во оваа полчасовна ретроспектива, сер Дејвид се присетува на своите почетоци како нов водител на Би-би-си. Краткиот документарец прикажува некои од заборавените детали од кариерата на
Атенборо како оние кога известува за традиционалната музика во Сиера Леоне. Но вистинскиот хајлајт се неговите први средби со животните. Атенборо со првата камера го снимил тајновитиот индри лемур, но највпечатлива била неговата средба со старата лавица Елза.
Лавицата Елза во тоа време била популарна еднакво како Сесил, лав за кој се дигна прашина кога во 2015 година беше убиен од страна на докторот Волетр Палмер, кој платил 50.000 долари за да улови лав во африканска дивина. Елза, пак, потклекнала на друг вид штетник: обичен паразит што ја заразил со бабезиоза, инфекција која ги напаѓа црвените крвни клетки, што завршило кобно по старата лавица.