X
 29.10.2021 Наша тема

Српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ, апсолутен победник во Карлови Вари: Културата е потисната од шундот, а народ без култура е народ без иднина

Многу го следам македонскиот филм. Ги познавам и ги ценам Милчо Манчевски, Владимир Блажевски, Столе Попов… Благодарение на програмата што ја споменав, имам добар увид и во тоа што го работат сосема млади автори како Тамара Котевска, Ана Јакимска и Ханис Багашов, кои се учесници на нашата програма.


„Страхиња Бановиќ (Колку далеку можам да одам)“ е филмот што триумфира на престижниот Филмски фестивал од А-категорија во Карлови Вари со освоени дури пет награди од три различни жирија. Режисерот Стефан Арсенијевиќ деновиве е во Скопје по повод премиерата на филмот на отворањето на филмскиот фестивал „Киненова“. Станува збор за филмско реобмислување на средновековната српска епска поема за Страхиња Бановиќ, во која современите африкански мигранти го заземаат местото на српските национални херои. Современа и безвремена истовремено, оваа адаптација ги поставува прашањата за идентитетот, традицијата, расата и љубовта.

Стефан Арсенијевиќ (1977), писател и режисер, дипломирал филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде што денес предава режија на магистерско ниво. Неговиот краток филм „(А)торзија“ (2003) освои над 30 национални и меѓународни награди, вклучувајќи ги и „Златната мечка“ на Берлиналето, наградата на Европската филмска академија, како и номинација за „Оскар“. Тој е програмски менаџер на програмата за професионална обука на Гете-институтот за режисери од Југоисточна Европа од 2015 година. Член е на Европската филмска академија.

Вашиот филм „Страхиња Бановиќ“ понесе дури пет признанија на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари во Чешка. Очекувавте ли вакoв исход додека го подготвувате?


- Бевме среќни уште и со самиот факт дека сме во главната натпреварувачка програма на Фестивалот во Карлови Вари. Тоа е еден од најзначајните европски фестивали, постои повеќе од половина век. А особено во овие пандемски околности, целата екипа имаше чувство дека премиерата на фестивалот, пред полна сала од 2.000 гледачи, сама по себе е награда. На сите ни недостигаше контактот со публиката, тоа прекрасно чувство на колективно гледање филм. А потоа дојдоа петте награди од три различни жирија. Тоа ни во најлуд сон не можевме да го замислиме.


Сцена од филмот „Страхиња Бановиќ“

Дали можеби сликите од бегалската криза што секојдневно ги гледаме по медиумите беа првичната инспирација за филмот? Стравувавте ли малку за темата, дали ќе биде поинаку третирана ако се знае дека последниве години се снимени низа филмови што се занимаваат со бегалците и мигрантите?

- Медиумите доста зборуваат за бројките, а малку за личните човечки судбини. Од друга страна, филмовите со најдобра намера, секако, често многу понизно се однесуваат кон бегалците. Мене ми беше важно нашите ликови да не бидат сведени на идентитетот на бегалци, идентитетот на жртви. Затоа нивните проблеми во филмот се љубовни, емотивни, интимни, проблеми што би можеле да му се случат на кој било од нас. Таквите проблеми го придвижуваат дејството, а фактот дека сè се случува во контекст на бегалската криза, ја засилува целата работа и ја прави повозбудлива.

Инспирација за главниот лик беше едно реално момче, Ибрахим Ишак од Гана, кое веќе неколку години живее во бегалскиот камп во Крњача. Тој сака да остане да живее во Србија и со сите сили се бори да се вклопи во нашата средина. Го научи јазикот, се обидува да се вработи, но не може да добие документи за азил, па волонтира. Знаејќи ја неговата приказна, ми падна на памет дека е интересно што животната приказна на нашиот главен јунак несвесно повторува еден важен архетип на културата во која сака да се вклопи. А љубовната приказна, тој љубовен триаголник од познатиот српски еп „Страхиња Бановиќ“, секогаш ќе биде актуелна. Што би направил ти за љубов? Кои се јунаците денес? Што е всушност јунаштвото? Тоа се некои од прашањата што си ги поставував работејќи на овој филм.
Инаку, кај секоја голема тема, а оваа е голема во светски размери бидејќи е најголемата бегалска криза по Втората светска војна, најважно е да се најде специфичен, автентичен агол. Спојувањето на современата бегалска криза со средновековната народна песна ни го овозможи токму тоа.

Како успеавте да го сместите средновековниот еп во модерно време?

- Мислам дека е важно секогаш да се актуализира наследството во современиот миг. Тоа е начин да се ревитализира тоа. Од друга страна, ми се чинеше дека на тој начин ќе дадам еден поинаков агол на гледање на мигрантската криза, кој можеби ќе овозможи полесно разбирање и идентификација. Токму тоа е главната сила на филмот како уметност - што ни овозможува да се препознаеме во другите.
Возбудлив ми е и тој момент на преиспитување на општествените конвенции во песната. Југ Богдан и девет Југовиќи го убедуваат Страхиња да крене раце од својата жена, а нивна ќерка, односно сестра. Велат дека таа го посрамотила него, а и нивното семејство, дека не треба да се бори за блудница. Но Страхиња е подготвен да оди против традиционалниот начин на мислење бидејќи е смел и мисли со своја глава. Така Страхиња тргнува сам во поход. Тоа е цената што мора да ја плати бидејќи мисли и чувствува по свое. Во филмот овие општествени конвенции се префрлени од средновековното обичајно право на меѓународното мигрантско право. Интимната драма на индивидуалниот јунак стои наспроти политичко-бирократскиот систем. Нашиот Страхиња е на чекор до остварување на животниот сон и знае дека ако ја напушти земјата, губи сè што стекнал. Но, сепак, тргнува во потрага по жената што ја сака.

Каква беше реакцијата на публиката?

- Досега реакциите на публиката на фестивалите беа многу емотивни. Луѓето се трогнати од филмот, Ова, пред сè, е една голема љубовна приказна.


Стефан Арсенијевиќ

Во 2003 година за краткиот филм „(А)Торзија“ бевте номиниран и за „Оскар“, освоивте над 30 награди, вклучувајќи ја и „Златната мечка“ на Берлинале... Кажете ни нешто за ова искуство?

- Наградите, се разбира, се важни и се големо охрабрување. Мене тој неверојатно голем успех ми се случи на самиот почеток на кариерата и колку врати што ми се отворија, толку и ме забавија, направија очекувањата да бидат преголеми. Ми требаше некое време да го пронајдам својот начин за да се справам со таквиот успех.

Во Вашето портфолио се запишани и краткометражниот филм „Мала утринска приказна“ (2002), интернационалниот омнибус „Изгубено најдено“ (2005)... Што работите во моментов?

- Работам на нов филм, но сè уште е рано да зборувам за тоа. Тоа е долг процес.

Што очекувате од гостувањето во Скопје, дали претходно сте биле тука? И што знаете за македонскиот филм?


- Очекувам средба со публиката, тоа ми е најважно. Сакам да ги слушнам реакциите и коментарите на филмот. Инаку, ретко сум престојувал во Скопје, но како програмски директор на регионалната програма на Гете-институтот „Фрст филмс фрст“, наменета за млади режисери, речиси секоја година сум на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Многу го следам македонскиот филм. Ги познавам и ги ценам Милчо Манчевски, Владимир Блажевски, Столе Попов… Благодарение на програмата што ја споменав, имам добар увид и во тоа што го работат сосема млади автори како Тамара Котевска, Ана Јакимска и Ханис Багашов, кои се учесници на нашата програма. Во Карлови Вари имав можност да се дружам и со Дина Дума, која направи голем успех со својот филм. Мислам дека можете да бидете многу горди на својата кинематографија. Ова нема врска со филмот, ама морам да додадам и дека сум голем обожавател на Румена Бужаровска, целосно сум одушевен од нејзините интелигентни и духовити приказни.

Како ја оценувате културната клима во Србија?

- За жал, културата е сè помалку важна во општествено-политичка смисла. Не паметам кога била толку потисната од страна на шундот и популизмот. А народ без култура е народ без иднина.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема