X
 22.02.2021 Живот

Еве што, според психолозите, кажува за вас паузата пред да одговорите на прашање

Кога одговарате на некое прашање, молкот може повеќе да каже за вас отколку вашите зборови. Нова психолошка студија покажува дека паузата пред да дадете одговор, дури и доколку е кратка само неколку секунди, може да направи да изгледате понеискрени или нечесни.

Дури и кога на слушателите им е кажано да ги игнорираат паузите, сѐ уште е поверојатно за бавниот одговор да речат дека е „бавна лага“.

И таквата перцепција на нечесноста може да не е толку неточна. Многу студии во лабораториите и во реалниот живот посочуваат дека луѓето одговараат побавно кога не се искрени, можеби затоа што е потребна повеќе ментална работа за да се спречи кажувањето на вистината или да се измисли алтернативен одговор.

Она што не беше толку јасно е колку добро нашите лаги ги измамувале луѓето. Некои студии посочуваат дека одложените одговори слушателите ги сфаќаат како неискрени. Други не наоѓаат поврзаност меѓу двете нешта, но повеќето го утврдиле спротивното: таа мала недоумица ги зголемува нашите восприемања за искреност.

Тие резултати се непостојани и збунувачки. Тие, исто така, претежно се базираат на корелации. Дури и неколкуте студии што всушност ги разгледувале случајните врски често не ги земале предвид придружните фактори кои исто така би можеле да издадат лажго или искрен говорник.

Новото истражување се осврнува на поправање на некои од тие ограничувања преку испитување на илјадници луѓе во различни услови. Вклучува повеќе од 7.500 лица од САД, Велика Британија и Франција во вкупно 14 експерименти.

Тестовите биле создадени за да се утврди како учесниците го оцениле бавното одговарање во два различни контекста. Првиот одговор бил базиран врз основа на тоа дали некој сака или не торта направена од страна на пријател. Вториот одговор бил за криминал кој се случил на работното место.

Учесниците или ги слушале овие прашања и одговори како аудио, гледале видео или читале. Потоа ја оценувале искреноста на актерот што одговарал.

Општо земено, авторите утврдиле дека одговорот даден веднаш се сметал за поискрен, додека одложениот одговор, дури и ако паузата траела и само две секунди, се сметал за понеискрен.

- Оценувањето на искреноста на другите луѓе е сеприсутен и важен дел од социјалните интеракции. Нашето истражување покажува дека брзината на одговарањето е важен знак на кој луѓето ги базираат нивните заклучоци за искреноста - вели истражувачот Игназио Зиано од Школата за менаџмент во Гренобл, Франција.

Резултатите биле доследни во култури и контексти, иако некои ситуации имале помали ефекти. Ова сугерира дека луѓето имаат „пософистицирано разбирање“ на она што значи брзината на одговорот во различни контексти, велат авторите.

На пример, во сценариото со тортата, каде што едниот одговор се сметал за социјално навредувачки („Не, не ми се допаѓа твојата торта“), брзината на одговарањето не била толку важна. Тоа посочува дека прашањата како „Дали ти се допаѓа мојата торта?“ имаат очекуван одговор. Затоа пократката пауза веројатно ќе биде занемарена од страна на слушателот.

Од друга страна, во посериозни услови, каде што некој е прашан за кражба на работното место, двоумењето се сметало дека навестува измама или вина на многу побрз степен. Со други зборови, имало помалку простор за двоумење кое може да се прости.

Но, и во вакви случаи има суптилни разлики во контекстот. Ако бил даден побавен одговор, на пример, ако некое кривично дело се случило пред многу години и бил потребен некој ментален напор за присетување, брзината на нечиј одговор била помалку важна за утврдување на искреноста.

Во овој случај учесниците не мислеле дека бавното одговарање посочува на криење на вистината, туку дека лицето се колеба да ја каже вистината.

Генерално, Зиано вели дека нивната студија покажува дека кога и да има прашање на кое треба да се одговори, како интервју за работа, брзите одговори изгледаат поискрени.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот