X
 06.12.2022 Живот

Совети што ќе ви помогнат да се справите со токсични луѓе

Ако однапред сте вознемирени и под стрес кога треба да се видите со некого или по средбата се чувствувате како кукла без енергија, пораката е јасна: имате работа со токсична личност.

Токсични личности - прилично модерен збор и често се користи во последно време кога се опишуваат проблеми во различни средини.

Токсичните лица може, но не мора да бидат агресивни

Честопати луѓето поради кои не се чувствуваме добро ги нарекуваме токсични. Меѓутоа, важно е да се има предвид дека овој термин не е втемелен во психологијата и нема едноставна дефиниција. Сепак, она што е неоспорно е дека таквите луѓе во своето однесување во различни форми испуштаат нешто што нѐ исцрпува, нѐ нервира, ни ја троши енергијата и едноставно „не ни е добро поради нив“.

Бари Сускинд, терапевт од Лос Анџелес специјализиран за меѓучовечки односи, набројува неколку клучни знаци на токсичност:

-самозаљубеност;
-егоцентричност;
-манипулација и други видови емоционално злоупотребување;
-нечесност и склоност кон измами;
-недостиг на емпатија;
-склоност кон создавање драми;
-провоцирање;
-претворање себеси во жртва и потреба за непрекинато внимание.

Звучи познато? Тешко дека во блиското опкружување немате некој барем со една од овие особини. Многу од нив не можете да ги избегнете, па еве неколку совети, според искуството на терапевтот, како полесно да ги преживеете.

1. Токсичните лица нѐ вовлекуваат во нивната слика на реалноста, не упаѓаме во неа

Ваквите луѓе имаат тенденција да се гледаат себеси како жртва во секоја ситуација, секогаш вината ја префрлаат на некој друг и ја кажуваат приказната која ќе ги покаже како позитивни. Некогаш ќе ви се чини полесно да кимнете со главата и да се насмевнете за да избегнете нервоза доколку им се спротивставите. Тоа во моментот е добра опција, но може да ве означат како согласни на она што сакаат да го постигнат, а што главно е нереално.

Наместо тоа, обидете се со несогласување, но и со свои факти и перцепција кои ќе им ги предочите. „Јас мислам дека беше вака...“ е добра основа. Држете се до фактите, без обвиненија.

2. Не давајте им секогаш да се ставаат на прво место

Однесувањето не мора да е агресивно или насилничко за да е токсично. Можеби на лицето „очајно му е потребно“ да се извлече од некоја ситуација. Но, тоа кај нив се случува секогаш или буквално секогаш.

- Здравите односи подразбираат давање и земање. Можете да понудите поддршка, но треба и да ја побарате. Грижата за себе, но и за другите значи дека имате доволно емоционална енергија да ги задоволите своите и туѓите потреби. Напоменете им го тоа на токсичните лица кога упорно ќе се ставаат себеси и своите потреби во фокусот - советува Сускинд.

3. Понудете сочувство, но не согласувајте се на манипулација

Сѐ погоре наведено токсичните лица го прават очекувајќи дека слепо ќе ги следите и ќе им верувате, не двоумејќи се да го искористат тоа во некоја ситуација. Не смеете да го дозволите тоа. Во ред е да му се даде поддршка на лице кое има потреба од тоа, но треба да се посочи кога потребата за поддршка ги преминува границите и станува средство за манипулација.

4. Научете да им кажете „не“

Кога еднаш ќе одлучите на токсична личност да ѝ кажете „не“, секој следен пат ќе ви биде полесно. Првенствено поради тоа што ќе ѝ испратите порака до каде може да оди, па и поретко ќе се обидува.

5. Не сте виновни што на токсичната личност не ѝ е добро

Токсичното однесување може да направи да се чувствувате лошо, како да сте направиле нешто погрешно. Тешко е да се соочите со нападите од некој кој по природа е токсичен. Можат и лично да ве навредат, да ви ги извртат зборовите или да ве обвинат дека сакате да ги повредите.

Не заборавајте дека нивното однесување нема никаква врска со вас. Дишете длабоко, смирете се и кажете им го тоа на примерен начин.

6. Станете недостапни за нивните бескрајни приказни

Луѓето што се однесуваат на токсичен начин имаат „рецептори“ за откривање на оние кај кои поминуваат нивните методи. Потоа одат понатаму и понатаму, испитувајќи ги вашите граници на трпеливост. Меѓутоа, ако се поставите така што не сте им достапни, можно е да изгубат трпение да ве вовлекуваат во нивните приказни.

7. Ограничете го времето што им го подарувате

Ако однапред сте анксиозни или под стрес кога треба да се видите со некого, пораката е јасна. Секое време во кое ви е непријатно и не се чувствувате добро во нечие друштво треба да се сведе на минимум. Кога не можете да го избегнете лицето што ве вознемирува, полека почнете да поставувате граници во смисла на времето кое го имате за него, а потоа минимизирајте ги и средбите.

8. Поставете граници

Терапевтот нагласува дека границите се неопходни и нивното поставување подразбира дека јасно покажувате што не толерирате. Поставете ги и држете се до нив, а кога токсичните лица ќе се обидат да ги срушат или заобиколат, без бурни реакции вратете се на својот пат.

Границите се поставуваат во сите сегменти од односот - од темите во кои не сакате да учествувате, до одбирањето на активностите кои им одговараат само на токсичните лица.

9. Секогаш бидете подготвени да ги прекинете без грижа на совест

Ако сте заглавени во токсичен разговор и не гледате излез, се чувствувате непријатно или лошо, треба да знаете дека тоа може да се прекине на љубезен начин.

„Жал ми е, ама морам да те прекинам...“

„Извини, чекам важен телефонски повик и имам други обврски...“

„Доцнам, морам да одам...“

Ова се само неколку лековити реченици.

10. Ништо не сфаќајте лично

Ако токсичното лице изреагира бурно на некоја ваша метода, не сфаќајте го тоа лично. Останете мирни, дишете полека и длабоко и ако можете, оддалечете се.

Извор: eklinika.rs
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот