X
 22.02.2022 Наша тема

Филмот „Медена земја“ ќе биде адаптиран во друштвена игра

Бев фасциниран што со екипа дизајнери успеавме да направиме асиметрична игра која ќе може да се заврши за еден школски час. Тоа значи дека секој од играчите различно игра и различно стигнува до победата - Атиџе на еден начин, сточарот на друг, трговецот на трет, а детето сосема поинаку, вели Самоил Петрески

Самоил Петрески е дипломиран новинар, магистер за односи со јавност, на многумина од нас познат како дел од рап-групата „Чиста околина“ и сопственик на првата македонска специјализирана продавница за друштвени игри „Гоблин“. За тоа дали памети каде и со кого ја одиграл првата друштвена игра, вели:

- Бев многу мал кога првпат почнав да играм друштвени игри со сестра ми: „Меморија“, „Не лути се, човеку“ и „Домино“. Вистинската љубов кон друштвените игри ми се роди во основно училиште. Во недостиг на интересни друштвени игри, со моите двајца најдобри другари почнавме сами да правиме игри. Со еден од нив, Владимир Трајчевски, десетина години подоцна ја отворивме „Гоблин“. Вистинската пасија кон друштвените игри ми се разви на почетокот на 90-тите години кога се појави „Ризик“ и интензивно почнавме со играње на оваа игра. Потоа се „заразивме“ со, според мене ,најдобрата игра – „Magic: The Gathering“.



На што работите во моментов?

- Многу сум горд на фактот дека изминатава година со поддршка со тимот кој стои зад филмот „Медена земја“ успеавме да создадеме истоимена друштвена игра за деца, која треба наскоро да се дели во училиштата низ Македонија! Асиметрична значи дека секој од играчите различно игра и различно стигнува до победата – Атиџе на еден начин, сточарот на друг, трговецот на трет, а детето сосема поинаку. Тоа е нешто што воопшто не е едноставно да се направи да функционира, да биде балансирано и секој од нив да може еднакво да дојде до победа. Згора на сето ова, играта мораше да биде дизајнирана за да заврши за половина час до максимум 45 минути!



Што, според Вас, е дефиниција за друштвена игра?

- Друштвени игри се сите оние што се играат во друштво, за кои е потребна непосредна комуникација, социјализација, а суштината е дружење! Нема возраст која е препорачлива за играње бидејќи нема човек кој не сака да игра и да се забавува. Постојат игри за најмладите, едноставни логички и мемориски мозгалки кои ги тераат децата да размислуваат низ играта. Постојат и одлични игри за возрасни кои им помагаат и во поодминати години да го одржуваат мозокот витален.

Дали веста дека „Катан“ (Catan) е преведена на македонски стигна до Клаус Тобјер?

- Можно е. Македонскиот јазик оваа година стана еден од 30-ина јазици на кои е преведен овој светски мегахит. Не знам колку дизајнерот на играва - Клаус Тобјер се интересира за тоа, но мислам дека му е мило кога неговото „чедо“ се шири низ светот.



Дали и новите генерации се вљубуваат во игрите од минатото?

- Конкретно играта „Катан“ воопшто не изгледа како да е направена некогаш одамна. Оттаму се и шармот и популарноста на оваа игра. Мислам дека и по 100 години да седне некој да ја игра, ќе му биде забавна и интересна. Сите сакаат фрлање коцки, трговија и градење своја цивилизација.

Какви се реакциите од луѓето на игрите преведени на македонски јазик?

- Реакциите се очекувано позитивни, луѓето многу често се изненадени дека воопшто има игри на македонски, и тоа официјално преведени и издадени. Најсреќни се родителите кои не мора да им ги читаат на децата правилата на англиски, па да им ги објаснуваат. Секако јазичната бариера е многу полесно да се надмине ако нешто е напишано на мајчин јазик, па така е и со игрите. Досега официјално имаме преведено речиси 20 светски бестселери, а планираме оваа листа да се зголемува.



Како дојде до моментот еден новинар и рапер да почне да прави друштвени игри?

- Мислам дека друштвените игри се првата моја пасија, многу пред новинарството, па и пред рапот. Уште во основно училиште почнав со дизајнирање мои игри, а ќе ми биде голем мерак за некој месец кога конечно во продажба ќе излезе мојата прва друштвена игра, дизајнирана од мене и моите пријатели – Monsters on Board.

Што е потребно за да се создаде друштвена игра и дали постојат трендови?

- Играта почнува од идеја. Потоа таа идеја оди во реализација и се разгледуваат сите можни варијанти за да може да функционира играта. Потоа тие се усогласуваат меѓу себе, се пробува да се постигне баланс и да се контролира должината на траење на играта. Понатаму сето тоа мора многупати да се тестира и од многу девелопери за да се провери балансот. Сето тоа не е можно без претходно да имате одиграно стотици различни игри и да знаете што може, а што не може да функционира и кога да престанете да се обидувате да направите нешто да проработи.
Моменталниот тренд меѓу друштвените игри е изработка на многу квалитетни компоненти и прекрасни илустрации. Без разлика за каква игра се работи, авторите и издавачите се трудат таа визуелно да ги остави без здив играчите. Тоа е веројатно и поради фактот што има сѐ повеќе друштвени игри на пазарот, па мора некако да се најде начин за да се исплива на врвот.



Каков е интересот за друштвени игри во Македонија?

- Во Македонија интересот за игри сѐ повеќе расте, но тоа оди заедно со развојот на настаните на глобално ниво. Друштвените игри во целиот свет во последнава деценија доживуваат вистинско заживување, некоја втора младост која е предизвикана од преоптовареноста на луѓето од технологијата, од мобилните телефони, таблетите, лаптопите и секакви екрани пред нас! Најмногу се бараат светските бестселери, како Catan, Ticket to Ride, Monopoly, Azul, Kingdomino, игрите со карти како Pokemon, Magic: The Gathering и Yu-Gi-Oh!, како и сложувалките Ravensburger, а во последно време и фигурите од Funko POP!

Во Македонија во моментов има две издавачки куќи за друштвени игри кои одлично котираат на светскиот пазар – Archona Games и Final Frontier Games. Нивните игри се продаваат на англиски јазик, а некои од нив се откупени и за други светски пазари и преведени на други јазици.


Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема