X
 22.03.2019 Наука

Анестетиците би можеле да ги избришат лошите спомени

Давањето доза анестетик на пациентите би можело да им помогне да закрепнат од трауми што ги доживеале во минатото, па дури и да се излекуваат од фобии, покажува најново истражување.

Луѓето од кои било побарано да се сетат на болни спомени непосредно пред да им биде ставен пропофол имале значително послаба меморија наредниот ден. Како што велат истражувачите, ако откријат како да го „скротат“ овој ефект кај пациентите, би можеле да се отстранат фобиите и посттрауматското стресно нарушување.

Претходно научниците сметале дека откако ќе се формира меморија во умот, невозможно е да се таргетира и да се елиминира.

анестезија
Фото: Getty Images

Експериментите кај глодачите постепено откриваат дека ова не е случај, но процедурите што се користат, како што е инјектирањето супстанции во мозокот на глувците, не биле соодветни за луѓето. Пуштањето електрични шокови во главата на луѓето со тешка депресија се покажало како ефикасен начин да се избришат лошите спомени, но тоа не било идеално.

- Електроконвулзивната терапија е доста инвазивен третман, така што многу подобро е долгорочното решение за тоа како селективно да изберете емоционални мемории што произведуваат проблеми - вели д-р Брајан Стренјџ од Политехничкиот универзитет во Мадрид.

За луѓето што добиле анестетички лекови, д-р Стрејнџ и неговиот тим се прашувале дали тие играле улога во селективната загуба на меморијата.

Кога на пациентите им биле дадени седативи во болниците, д-р Брајан забележал дека пациентите покажуваат амнезија за периодот пред процедурата, иако оваа загуба на меморијата не се проширува на останатиот дел од нивниот живот.

За да ја тестира идејата, тимот побарал од 50 учесници да гледаат слајд-шоу што раскажува емотивни приказни, вклучувајќи и момче кое било учесник во сообраќајна несреќа и напад врз една млада жена.

Откако поминала една недела, на кандидатите им биле прикажани делови од слајд-шоуто за да се освежи нивната меморија, пред да примат пропофол.

Потоа, половина од кандидатите биле замолени да се потсетат на приказната 24 часа подоцна, како и на приказна што не била „реактивирана“ во нивните умови пред да примат пропофол. Истражувачите откриле дека кандидатите не можеле да се сетат ни на едната ни на другата приказна.

- Интересно за пропофолот е што беше селективен за емоционалната компонента од приказната - изјави д-р Стренјџ, истакнувајќи дека кандидатите имале поголеми тешкотии да се потсетат на моментите на насилство или повреда.

Ако може да се изолираат непријатните сеќавања, потенцијално користејќи виртуелна реалност, фобиите ќе можат да се следат до одредени настани и да бидат изолирани.

- Вреди да се обидеме - изјави д-р Стрејнџ.

Д-р Рави Дас, кој прави слични истражувања на Универзитетскиот колеџ во Лондон, а не бил вклучен во тековното истражување, изјави дека трудот на Стрејнџ е интересен развој во растечка област на истражување.

Освен пропофолот, д-р Дас истакна дека во развојот на ваквите третмани се разгледуваат и други лекови, вклучувајќи го и лекот кетамин.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука