X
 22.03.2021 Живот

Компанија нуди 2.400 долари за да не користите паметни уреди цел ден

Да бидеме искрени, сите поминуваме многу време гледајќи во нашите телефони. Затоа, една компанија им нуди 2.400 долари на оние што ќе бидат доволно храбри да не погледнат во екран цел ден.

Веб-страницата за оценување производи и услуги „Ривјус“ објавила повик за нивниот „Дигитален предизвик за детоксикација 2021“, во кој учесниците може да добијат до 2.400 долари доколку не погледнат во екран 24 часа.

- Доколку имате желба да се ослободите од вашите уреди во период од еден ден, но сепак треба да бидете платени, ова е совршена можност за вас - пишува на веб-страницата, пренесува Си-ен-ен.


Фото: Pixabay

Според компанијата, идеалниот кандидат е некој што ја сака технологијата и е подготвен за предизвикот. Но, иако предизвикот се чини лесен, треба да знаете дека не е доволно само да не го отворите „Инстаграм“ цел ден. Оние што ќе бидат одбрани за предизвикот нема да смеат да користат телефон, телевизија, компјутер, паметен часовник и каков било паметен уред за домот цели 24 часа.

Одбраните лица ќе треба да ги заклучат овие уреди во сефови што ќе ги достави компанијата, а „Амазон“ ќе им додели ваучер од 200 долари за производи што би биле потребни во текот на денот, како хартија за пишување, боици и слично. Одбраните кандидати ќе треба да го оценат пакетот производи од „Амазон“ и да го објаснат искуството по завршувањето на предизвикот.

Повикот е отворен до 26 март, а победниците ќе бидат одбрани на 29 март. Кандидатите треба да имаат дозвола за работа во САД и да имаат барем 18 години. Огласот може да го најдете овде.

Автори: Мариа Морава и Скоти Ендру
Извор: cnn.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот