Електромагнетна хиперсензитивност не е медицинска дијагноза, но постојат луѓе што тврдат дека им се појавуваат одредени симптоми кога користат електронски уреди
Додека светот се подготвува да ѝ посака добредојде на 5Г-мрежата, многумина се загрижени дали таа ќе остави здравствени последици врз луѓето со оглед на тоа што мрежата ќе функционира со помош на многу мали уреди кои ќе бидат поставени во наша непосредна близина. Експертите велат дека засега нема истражувања кои покажуваат дека мрежата ќе влијае врз јавното здравје.
За некои луѓе, последиците од развојот на технологијата веќе се тука. Фотографот Клаудија Гори неодамна научила за електромагнетната хиперсензитивност и одлучила да ги побара луѓето што се соочуваат со неа. Луѓето што ги сретнала забележале симптоми откако почнале да користат електронски уреди, особено по развивањето на безжичната технологија.
Според Светската здравствена организација, од оваа состојба страдаат неколкумина од еден милион луѓе. Случаите се почести во Шведска, Германија и во Данска. Симптомите може да бидат чувство на воспаленост на кожата или иритација, но и умор, тешкотии со концентрацијата, вртоглавици и проблеми со варењето.
Светската здравствена организација вели дека ова не е медицинска дијагноза, ниту претставува медицински проблем бидејќи досега не била покажана врска помеѓу овие симптоми и електромагнетните полиња што ги испуштаат електронските уреди. Затоа, повеќето од луѓето сами ја поставуваат оваа дијагноза.
Најтешкиот дел за овие лица е скептицизмот што го добиваат од другите. Некои од нив губат блиски луѓе бидејќи никој не им верува, а многумина им велат дека се во депресија или имаат психолошки проблеми. Некои од нив остануваат без работа бидејќи не можат да користат компјутер, вели фотографката Гори.
Фото: Pixabay