X
 22.03.2023 Технологија

Кои земји го забранија „Тик-ток“ и зошто?

Во последниве години „Тик-ток“, платформа во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“, се соочи со обвинувања од владини агенции и експерти за споделување кориснички податоци со кинеската Влада. Од друга страна, компанијата ги отфрла наводите и тврди дека „Тик-ток“ работи независно. Сепак, повеќе земји најавија дека ќе ја забранат апликацијата на уредите со пристап до државни информации.

Обединето Кралство

Во четвртокот британските власти објавија дека апликацијата е забранета на мобилните телефони на владините службеници. Одлуката следуваше по анализата на британските експерти за сајбер-безбедност, кои јасно изјавиле дека може да има ризици околу пристапот до чувствителни владини податоци и користењето одредени платформи.

Европска Унија

Сите три главни институции на Европската Унија, Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ, им забранија на своите вработени да ја преземаат и да ја користат апликацијата на нивните официјални телефони.

Белгија

Белгискиот премиер Александар де Кро на 10 март објави дека неговата влада издала наредба со која се забранува користење на „Тик-ток“ на службените телефони на владините службеници поради загриженост за приватноста и сајбер-безбедноста.

Данска

Забраната за употреба на апликацијата на официјалните уреди на владините претставници во Данска е во сила од 6 март, откако Министерството за одбрана соопшти дека Центарот за сајбер-безбедност оценил дека постои ризик од шпионажа.

САД

Во март администрацијата на претседателот Џо Бајден им нареди на владините агенции за 30 дена да ја избришат апликацијата од официјалните уреди и системи. Покрај тоа, таа исто така се закани дека ќе го забрани „Тик-ток“ на национално ниво доколку кинеските сопственици на социјалната мрежа не се откажат од својот удел во неа.


Фото: Pixabay

Канада

Набргу по објавата на американската влада, Канада, исто така, издаде наредба за забрана на употребата на апликацијата на владините уреди, наведувајќи ја како „неприфатлив“ ризик за приватноста и безбедноста.

Индија

Индија беше една од првите земји што ги забрани „Тик-ток“ и другите кинески апликации во 2020 година, откако 20 индиски војници беа убиени во судир со кинеските војници по должината на нивната спорна граница на Хималаите.

Тајван

Во декември 2022 година Тајван не само што го забрани „Тик-ток“ на уредите на владините функционери, туку и започна истрага против „Бајтденс“ поради сомневање дека незаконски управува со подружница на островот.

Пакистан

Пакистанските власти привремено ја забранија апликацијата низ целата земја неколку пати од 2020 година, наведувајќи ја нејзината „неморална“ и „непристојна“ содржина како причина за забраните.

Авганистан

Во април 2022 година талибанската влада во Авганистан нареди забрана на апликацијата „Тик-ток“ и на онлајн играта ПУБГ, тврдејќи дека тие ја водат авганистанската младина по лош пат.

Извор: Geek
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија