X
 19.02.2021 Живот

Студентка по физика руши предрасуди на „Тик-ток“: Не очекував дека на луѓето ќе им се допаѓаат видеа за физика и астрономија во слободно време

Александра Драговиќ, студентка на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад, привлекува големо внимание на „Тик-ток“. На оваа најбрзо растечка социјална мрежа таа почнала да става видеа на почетокот од декември 2020 година и воопшто не очекувала речиси 54.000 следбеници.

- Студирам физика со астрономија, па често двата термина ги комбинирам во еден збор, па кога некој ќе ме праша, велам астрофизика. Имам уште неколку месеци до завршувањето на факултетот, а потоа се селам во Лондон, каде што ќе ги продолжам студиите на еден од најпрестижните колеџи во Европа. Покрај факултетот, со години се занимавам со популаризација на науката и држев предавања во училиштата и во јавноста во рамките на астрономското друштво во Нови Сад - вели таа.

Освен физиката, во слободното време сака да црта, слика, игра игри, да чита... Се одлучила за „Тик-ток“ затоа што ѝ се допаѓа форматот на кратки видеа и верува дека таквата содржина може да им го привлече вниманието на сите.

Зошто одлучивте на „Тик-ток“ да правите мини-видеа за физиката?

- Забележав дека сѐ повеќе деца се занимаваат со теории на заговор и псевдонаука од незнаење. Од теоријата дека Земјата е рамна, до теоријата дека Тесла е вонземјанин и дека патува низ времето. Со мојата содржина сакам да им помогнам на младите да стекнат способност критички да размислуваат и да ги преиспитаат информациите што се пласираат на социјалните мрежи, бидејќи денес ни се сервираат драматични и грешни вести од науката заради лајкови и прегледи.

Ве следат многу луѓе на кои им се допаѓа Вашата содржина. Дали го очекувавте тоа?

- Воопшто не. Не очекував толку голема поддршка. На „Тик-ток“ одиме за да се одмориме и да потрошиме време, не очекував дека на луѓето ќе им се допаднат физиката и астрономијата во слободно време. Повеќето имаат аверзија кон физиката затоа што на училиште ја учат на многу досаден начин.

Со какви предрасуди се соочувате и на какви предрасуди наидувате во коментарите од Вашите следбеници?

- Постојат милион предрасуди. Во коментарите ми велат дека кога ќе завршам факултет, ќе работам во продавница за минимална плата. Дека таа наука не е вредна за мојот труд. Често ми пишуваат дека „немам живот“ и дека немам пријатели, дека учам по цел ден како бубалица. Машката популација на „Тик-ток“ обожава да ми кажува дека никогаш нема да се омажам, дека ниеден маж не сака бубалици. Многу апсурдни коментари! Студирам физика, која навистина е тешка како наука, но не се разликувам многу од студентите од другите факултети, имам слободно време, разни интереси и хобија, не знам од каде потекнува предрасудата дека физичарите не го креваат погледот од книгите!

@baby.squillo

sta vi radite petkom uvece? 💀 ##fyp ##balkantiktok ##hemija ##fizika ##science ##nauka ##astroaleks ##diy

♬ Cantina Band (Star Wars Episode IV: A New Hope Original Motion Picture Soundtrack) - Muta1206
Ве споредуваат со Шелдон Купер. Колку тоа Ви годи, знаејќи дека тој е генијот во серијата што одлично ја познава физиката?


- Искрено, не сакам кога ме споредуваат со Шелдон бидејќи тоа ги влече сите овие предрасуди за кои зборував и од кои сакам да се ослободам. Мило ми е што некој мисли дека сум гениј како Шелдон, но честопати луѓето не мислат само на гениј кога ме споредуваат со него, туку и на неговото однесување и карактерни црти. Од друга страна, морам да признаам дека јас и Шелдон малку си личиме во однесувањето и дека отсекогаш сум била малку „чудна“, но не би го поврзала тоа со физиката и непријатно ми е кога некој ги истакнува тие мои „чудни“ црти затоа што врсниците често ме исмеваа поради тоа кога бев помлада.

Дали Вашите професори знаат дека имате „Тик-ток“ и какви се нивните реакции?

Повеќето професори не знаат. Некои знаат дека правам нешто, но немаат поим што. Една професорка почна да снима клипчиња за физиката на „Тик-ток“ истовремено со мене, така што единствено таа е упатена и ме поддржува.

На Вашиот профил нема само видеа поврзани со физиката, туку и предупредувања. Колку е важно тоа за вас?

- Важно ми е луѓето да не веруваат во сè и сешто. Денес навистина има сè на интернет. Најдобар пример е дека многу луѓе ги мешаат астрономијата и астрологијата. Астрономијата ја проучува физиката на универзумот и таа е наука. Астрологијата и хороскопот ги поврзуваат небесните објекти со карактеристиките на луѓето, што е псевдонаука, или во буквален превод лажна наука, тоа е верување без научни докази. Направив и клипови за тоа колку се апсурдни теориите на заговор, но тешко е да се смени нечие мислење во едноминутно видео. Неодамна дознав дека постојат веб-страници што наводно ви дозволуваат да именувате sвезди и земам големи суми за тоа. Како некој што се занимава со наука, знам дека тоа е невозможно, Меѓународната астрономска унија им дава имиња на sвездите според нивните карактеристики и телескопите со кои се пронајдени тие ѕвезди. Ниту едно лице не може да именува sвезда, па затоа ниту една компанија не може да ви земе пари за таа услуга.

@baby.squillo

pojzi ❤️💀 #fyp #astroaleks #nauka #science #danzaljubljenih

♬ Paparazzi - Kim Dracula
Како би ја оцениле „Тик-ток“ како социјална мрежа?


Не сум сигурна што треба да мислам за „Тик-ток“. Од една страна, алгоритамот е одличен и им дава шанса на сите. Од друга страна, корисниците, кои се претежно деца, често се изложени на расизам, хомофобија, насилство од врсници, порнографија и слично. Но, тоа не е проблем само на „Тик-ток“, туку и на нашето воспитување. Кога ќе ги погледнам коментарите полни со омраза оставени на моите клипови, се згрозувам од помислата дека една млада личност може да напише такво нешто. На „Тик-ток“ ќе му дадам 8/10, а на содржината на балканскиот „Тик-ток“ ќе ѝ дадам 3/10.

Автор: Бранкица Смилјаниќ
Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/Tik Tok
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот