X
 22.03.2024 Живот

Интервју со Софија Филиповска, директорка на Меѓународното училиште „Максимилијан“

Во „Максимилијан“, но и во другите училишта има талентирани ученици и млади луѓе кои заслужуваат повеќе простор

Градскиот парк ни е омиленото место на голем број од нас. На стариот влез од паркот, од десната страна ќе ве привлече убавата градина на Меѓународното училиште „Максимилијан“. Лоцирано во рамките на најубавиот зелен појас во Скопје, училиштето овозможува мотивирачка средина за најмладите. Тука учениците учат преку практични примери, игра, а учествуваат и во голем број национални и меѓународни натпревари, спортски активности, хуманитарни акции и сл.

На самиот влез на училиштето нѐ пречека директорката на „Максимилијан“, Софија Филиповска. Училиштето го посетивме во 8:30 наутро, кога започнува наставата, па затоа раздвиженоста на учениците и наставниот кадар беше очигледна. Во еден дел од училишниот двор учениците веќе имаа спортски активности и детскиот џагор придонесе за уште попријатна атмосфера, за да го започнеме овој навистина инспиративен разговор.

Како започна приказната за Меѓународното училиште „Максимилијан“, кажете ни нешто повеќе за оваа образовна установа?

- Меѓународното училиште „Максимилијан“ е основано во 2009 година. Кај нас, индивидуалниот пристап е најважен. Паралелките се до 10 ученици, а наставата се спроведува на англиски јазик. Ние сме светско IB училиште. Тоа значи дека функционираме по одредени принципи, како што е континуирано подобрување на образовниот процес, креирање инклузивна средина во која различностите се реалност, а учениците се стремат кон креирање подобра заедница и општество во целина. Образованието и науката се областите кои секогаш ме интересирале и навистина сум среќна што и секојдневно се занимавам со нив. Имаме основно образование и гимназиско образование. Всушност, во нашата установа можете да ги „изодите“ речиси сите фази од образовниот процес, особено фазите во кои се градите како личност, ги стекнувате првите навики, интереси и дознавате за околината и светот. Затоа работата е предизвикувачка и никогаш не е здодевно.



Кога ќе направите споредба на почетокот и сега, дали предизвиците се променети, како се приспособувате на постојаните промени во 
општеството, особено во делот на интересите кај младите?

- Денес сѐ толку брзо се менува, подинамично е (се смее)... а, особено во делот на млади и работите што ги интересираат. Навистина е тешко да се задржи нивното внимание, но затоа имаме високо обучен и креативен воспитно-образовен кадар, кој го дава својот максимум во едукацијата и грижата за секое дете. Факт е дека децата, младите растат со социјални мрежи, со интернет, со многу информации кои ги читаат и гледаат на дневно ниво и тоа навистина влијае и врз нашата работа.

Го споменувате новото време, дигиталните медиуми, социјалните мрежи и сл. Дали во „Максимилијан“ имате план за правилно користење на овие е-уреди (мобилни телефони, таблети, компјутери). Како се справувате со оваа „зависност“ кај новите генерации?

- Дигитализацијата е неоспорен процес и јас и целиот тим на „Максимилијан“ гледаме на неа како на позитивна работа која треба да се случи. Искрено, сметам дека не треба да се плашиме од технологијата, туку треба да научиме како правилно да ја користиме. Сепак, во нашето училиште е ограничена употребата на мобилните телефони. Оваа рестрикција е воведена со цел да обезбедиме поквалитетна настава, учениците навистина да учат за време на предавањата, а не да „скролаат“ по социјалните мрежи и да бидат дефокусирани. Сепак, е-уредите треба да се користат како поддршка на целиот образовен систем. Ние ги мотивираме младите да истражуваат, да прават анкети и анализи користејќи ги дигиталните алатки. Благодарение на тие е-уреди и платформи, денес учениците можат попрактично да го доживеат тоа што го учат од наставните помагала (книги, учебници, прирачници).
Интернетот и технологијата го заштедуваат нашето време и стануваме попродуктивни и порационални. Е, сега проблемот се јавува кога забавните содржини на социјалните мрежи го окупираат времето на најмладите. Тука е предизвикот. Како да ги насочиме да прават разлика меѓу лажна и точна вест, меѓу лага и вистина, закана и подадена рака. Во училиштето имаме дигитално писмен и обучен кадар, но особено ме радува фактот што и покрај тоа што живееме брзо и динамично, во „Максимилијан“ сѐ уште работиме по вредностите на емпатија, споделување и меѓусебна толеранција.



Тоа што може да се забележи од Вашите активности е фактот што посветувате големо внимание не само да работите согласно она што е наставна програма, материја и сл., туку вложувате и во голем број воншколски активности (креативни работилници и сл.). Што постигнувате со овие настани?

- Знаете како, сѐ е поврзано. Пред малку зборувавме дека учениците сакаат малку поинаков пристап. Оттука, постојано се стремиме кон тоа да организираме различни хуманитарни настани, активности, посети на институции/локалитети. Ги мотивираме учениците да направат нешто конкретно (ракотворба) и да го презентираат пред одредена јавност или целна група. Независно дали публиката се нивните родители, баби, дедовци или пак ние, нивните наставници и стручен кадар. Важно е на детето, на младиот човек во развој да му покажете дека тоа што го направил е вредно, дека може од хартија да направи корисен предмет, дека може да биде конкурентен со другите свои соученици и другарчиња... И мислам дека овој пристап е потребен во секоја пора на општественото живеење кај нас. Мораме да го напуштиме синдромот дека за ништо не нѐ бидува. Не, во „Максимилијан“, но и во Македонија, во сите училишта имаме успешни приказни со кои можеме да се гордееме. Само треба повеќе да ги афирмираме и да ги поддржуваме младите.

Врсничкото насилство, булингот е една од најактуелните теми не само во делот на образованието, туку генерално. Како Вашиот наставен кадар се справува со овие појави, кои влијаат врз менталното здравје на младите?

- Имајќи ја предвид тесната и нераскинлива врска меѓу учениците, образованието и менталното здравје, завршив и мастер-студии по психологија. Дополнително, постојано се усовршувам на полето на психологијата и образованието и тоа особено во детектирање, процена и решавање на проблемите на младите. Затоа што колку и да мислиме дека знаеме и имаме искуство, многу е важен пристапот во разбирањето на секое дете.
Последниов период, последниве години никој не може да остане нем на настаните кои се случуваат, во нашето опкружување, во соседните земји и слично. Одговорноста е кај сите нас. Како училиште имаме и континуирана психосоцијална поддршка за учениците, но менталното здравје, врсничкото насилство меѓу младите веќе не е тема на која треба да реагира само стручната јавност (педагози, психолози). Не, сега одговорноста е кај секој еден од нас: наставник, родител, стручни служби, ученик, јавни личности и сл. 

Кога јас учев, нѐ заплашуваа со реченицата „ќе те носам кај педагогот“. Сметам дека тој пристап бил многу погрешен. Денес учениците буквално се „бомбардирани“ со голем број информации, меѓусебни комуникации, испраќања рилови и сл. Секој/а може да се чувствува повреден. И најбаналната работа може да боли, а таа индивидуална болка да стане колективна. Во Меѓународното училиште „Максимилијан“ посветуваме многу време на овие прашања. Бараме од учениците да зборуваат, да прашуваат, да бидат критични, да ни се спротивстават и нам, на повозрасните. Да покажат и пркос и бунтовност. Не смееме да ги потиснуваме нивните емоции и чувства ако сакаме да градиме здрава и инклузивна средина.



Кога завршува работниот ден, кога учениците си одат дома, почнува викенд или пак распуст... дали си велите: „Да, ова е работата што ја сакам?“ Како е да се менаџира со една образовна установа?

- Во принцип не сакам клише одговори како „не знам што би правела без работата“, но верувајте дека ако не ја сакате оваа работа, не можете да опстојувате долго и да се занимавате со неа. Треба постојано да се надградувате, да вложувате во доусовршување на тимот со цел да понудите квалитетна образовна услуга. Тука нема период на адаптација и привикнување затоа што одговорноста е голема. Менаџирањето со „Максимилијан“ навистина ме исполнува затоа што, пред сѐ, имам поддршка од целокупниот тим: наставници, стручни служби, ученици и родители.
Инспирираат големиот број награди на нашите ученици, достигнувањата на меѓународно ниво, но и секојдневните случувања во „Максимилијан“. Секогаш има успешни и помалку успешни моменти, но важно е да имаш тим од соработници кои ја сакаат работата и се посветени на неа. Тоа е така во работата, но и во сите други сегменти од животот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот