X
 12.04.2024 Наша тема

Излегува првата генерација матуранти од МИГ, интересот за упис расте, но училиштето е ограничено со простор

Математичко-информатичката гимназија сѐ уште се наоѓа во просториите на Средното градежно гимназиско училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, па има потреба од свои простории со повеќе училници, опремени кабинети, спортски терени и други можности.

Годинава од Математичко-информатичката гимназија во Скопје (МИГ) ќе излезе првата генерација на матуранти, која брои 32 ученици. Гимназијата беше отворена од страна на државата пред четири години со цел во неа да се образоваат талентирани ученици по математика, информатика и физика. Од прва до четврта година во МИГ учат 182 ученици во пет паралелки на македонски и четири на албански наставен јазик.



Директорката на МИГ, Јулија Гајдаџиева, вели дека учениците го оправдаа постоењето на гимназијата со постигнатиот успех во текот на школувањето. Секоја година расте интересот за упис, но ограничени се со можности зашто школото сѐ уште се наоѓа во просториите на Средното градежно гимназиско училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Има потреба од нови паралелки, но ограничен е просторот

- Од формирањето на гимназијата, секоја година интересот на учениците е сѐ поголем и сметам дека би бил уште поголем кога би имале сопствен простор со сите содржини, каков што заслужуваат нашите ученици. Со оглед на заинтересираноста на учениците кои би сакале да се запишат во гимназијата, има потреба од нови паралелки. Но, повторно ќе кажам дека просторот ограничува во однос на нивниот број - вели Гајдаџиева.


Јулија Гајдаџиева

Во гимназијата учат ученици од Скопје, но и од други градови низ државата. Учениците од внатрешноста имаат бесплатно сместување во ученичките домови, а има ученици од поблиските градови кои секојдневно патуваат, за кои Министерството за образование и наука обезбедува бесплатен превоз до Скопје.

- Просторното ограничување е најголемиот предизвик со кој се соочува гимназијата овие години. Ни требаат поголем број училници затоа што се соочуваме со недостиг на предавални за изборните предмети на учениците во трета и во четврта година, а потоа и кабинети опремени со нагледни средства и помагала кои им се потребни на учениците. Ни фалат просторија за наставниците и другите вработени, спортски сали и надворешен уреден простор за учениците. Сето тоа е неопходно за да тече наставниот процес непречено. Јас искрено се надевам дека во најскоро време и тоа ќе биде решено и ќе имаме пристоен простор за нашите ученици и наставници. Секако, во иднина би биле потребни и некои промени во однос на уписната политика, но во моментот просторот е приоритет - вели Гајдаџиева.



Учениците постигнаа успеси на многу натпревари

Минатата година учениците од Математичко-информатичката гимназија протестираа поради замена и избор на наставен кадар. Од школото велат дека предаваат докажани професори, кои со својата посветеност и работа постигнуваат врвни резултати со учениците.

- Успехот на учениците, нивната мотивираност и желба да научат нешто повеќе е и успех на наставниот кадар. Во изминатите четири години учениците учествуваа на многу натпревари, од државни, европски и други меѓународни олимпијади по математика, физика и информатика. Освоени се голем број медали, први, втори и трети места на сите европски и меѓународни олимпијади каде што учествуваа - додаваат од МИГ.


Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема