X
 22.01.2024 Живот

Директорка на училиште во Ниш купила тапани за да се формира рок-бенд: „Рокенролот е противтежа на турбофолкот и ѓубрето што го слушаме“

Маја Радоман Цветиќанин, директорка на основното училиште „Вожд Караѓорѓе“ во Ниш, Србија, им купила тапани на учениците со идеја училиштето во иднина да добие рок-бенд.

- Мојата идеја е да ги искористам средствата што ги има училиштето за да добиеме уште еден музички инструмент и да им овозможам на децата да научат да свират. Веќе се пријавија љубителите на тапани, некои од нив се фантастични тапанари, но немаат каде да вежбаат. Тоа би било чекор кон формирање музички бенд кој ќе ја промовира рок-музиката што сите ја сакаме и која мислам дека треба да го заземе заслуженото место. Рокенролот го сметам за противтежа на турбофолкот и на ѓубрето со кое сме бомбардирани од сите страни - изјави таа.

Вели дека можеби звучи поразително, но има ученици кои никогаш не присуствувале на рок-концерт.

- Суштината е да ги собереме учениците околу добрата идеја. Она што децата го слушаат сега е малтретирање на нивните мозоци и уши. Не се чувствувате добро по слушањето на таквата музика. Сепак, тие немаат избор, за разлика од нашите генерации. Ако на децата им нудиме само турбофолк или музика што не знам како се вика, ништо не сме направиле. Само им ги ограничивме можностите - вели директорката Маја.

Според неа, училиштето сега има тапани, гитара, клавијатура и разгласна станица, а наскоро ќе купи и Орфов инструментариум. Им недостигаат инструменти како бас-гитара, тарабука, саксофон, кларинет и други инструменти.

- Имаме многу ученици од повисоките одделенија кои се заинтересирани за рокенрол, но не знаат ништо за него. Родителите се премногу зафатени и немаат време да се ангажираат околу тоа. Затоа имаме намера да го опремиме кабинетот, да ги вклучиме сите во училиштето и да изградиме различни вештини кај децата. Да се доближи културата до училиштето за да не е поврзана само со културните институции. Сите треба да се потрудиме, без култура и духовност не можеме да бидеме ништо - вели директорката.

Таа вели дека училиштето „Вожд Караѓорѓе“ секој четврток организира поетски вечери, хорски изведби и слични настани. На нејзина иницијатива, училиштето е домаќин на „Читалиќ“, меѓународен натпревар во читање што собира стотици деца од Србија и од дијаспората. Учениците учествуваат во многу секции, училишни клубови и воннаставни активности.

Извор: Nova.rs
Фото: Saša Gidra Marković/Aleksinac net
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот