Вкупно 35 заразени со коронавирусот бележиме денеска до пладне, најави министерот за здравство Венко Филипче. Доцна синоќа биле тестирани уште четири лица. Сите заболени се со лесна клиничка слика. Денес се прават анализи на уште 30 лица, едно од Куманово, две од Скопје и останатите 17 се граѓани на Дебар и околината. Станува збор за лица што немаат симптоми, ама можно е да биле во контакт со некој што е заразен.
Синоќа слетал авион од Брисел и се испостави индикација за 12 лица согласно податоците што ги дале и сите се негативни и се пуштени дома.
- Вчера преку Деве Баир стигна група која е сместена во Пепелиште, утрово се прегледани од епидемиолог, согласно одлуката, тие ќе бидат префрлени во Заводот во Демир Капија. Имаше реакции дека условите се лоши, дека не се соодветни, затоа преземавме мерки за нивно префрлање со оглед на важноста на оваа мерка. Јас им се извинувам, но се надевам дека ќе ја разберат важноста на ситуацијата, затоа изреагиравме брзо и ги сместивме во новата зграда на Заводот во Демир Капија - објасни министерот.
Тој истакна дека резервите на крв и крвни деривати се сосема доволни, има идентична количина исто колку и лани.
- Денеска на Владата беше даден предлог до претседателот на Собранието, односно до претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба. Во рамките на здравствениот сектор ние практично и функциониравме во вонредна состојба. Сметам дека доколку се изгласа вонредна состојба со ингеренциите што ѝ се дават на Владата, дополнително ќе помогне за да се престројат сите институции - истакна министерот.
На новинарското прашање дали имаме доволно тестови, министерот одговори дека имаме близу 1.500 во моментов, со најава за донација за 1.000, а нарачани се уште 1.000. Од Светската здравствена организација нè известуваат дека можеме да сметаме на 1.000 теста неделно. Досега се направени околу 400 теста.
- Скрининг не се прави на кого било. Треба да постои минимум индикација што би ја процениле епидемиолозите. Многу голем дел од успехот на целата оваа операција е и во рацете на граѓаните и нивото на свеста за придржување до мерките. Граѓаните имаат клучна улога - рече Филипче.