Чекавме 20 месеци за да добиеме лек кој ќе ја третира болеста ковид-19, а сега се создадени два. Едниот лек е на „Мерк“ и „Риџбек терапјутикс“, а вториот е на „Фајзер“.
Обединетото Кралство неодамна го одобри „молнупиравир“, лекот на „Мерк“ и „Риџбек терапјутикс“, кој двојно го намалува ризикот од хоспитализација или смрт од ковид-19 кај најризичните групи. Лекот на „Фајзер“, „паксловид“, го намалува ризикот за хоспитализација и смрт за 89 отсто.
Освен официјалните проценти на заштита, кои се другите разлики помеѓу овие два лека? Александар Едвардс, професор по биомедицинска технологија на Универзитетот на Ридинг, ги споредува лековите за „Конверзејшн“.
Фото: Pixabay
„Молнупиравир“ го спречува размножувањето на коронавирусот со имитирање и создавање грешки во структурата на генскиот материјал на вирусот. „Паксловид“ го спречува размножувањето на коронавирусот со сврзување со ензим наречен протеаза и негово блокирање. На коронавирусот му треба овој ензим за да се размножува.
Голема вест е тоа што двата лека функционираат на различен начин, па затоа би биле покорисни кога би се користеле заедно отколку да се користат два лека кои функционираат на сличен начин.
Овие лекови би можеле да се користат и за третирање други болести предизвикани од слични вируси. „Молнупиравир“ на почетокот се развивал како третман за грип и друг респираторен вирус. Од друга страна, протеазата што ја блокира лекот на „Фајзер“ се наоѓа во повеќето коронавируси.
Фото: Pixabay
Како ќе се користат лековите?
Резултатите од тестирањата на лекот на „Фајзер“ допрва треба да бидат проверени од други научници, а потоа ќе следува негово одобрување, што веројатно ќе се случи во 2022 г. Дотогаш може да се користи само „молнупиравир“.
Двата лека може да се примаат орално, што ги прави различни од другите лекови што се во развој. Пациентите би можеле да ги примаат двата лека во домот. „Молнупиравир“ треба да се прима што побргу по тестирањето и најмногу 5 дена по почетокот на симптомите. Од друга страна, лекот на „Фајзер“ е најдобар кога се прима 3-5 дена по почетокот на симптомите.
Фото: Pixabay
Лековите може да не бидат ефективни во случај кога пациентот итно е однесен во болница и е ставен на кислородна поддршка. Двата лека би требало да им се даваат на лицата што се заразени со ковид-19, а имаат најголеми шанси за развивање тешки симптоми. Затоа е битно навремено потврдување на болеста.
Извор:
The Conversation