X
 22.04.2020 Наша тема

Кога се соочуваш со судбината на пациентот очи в очи. Лекари раскажуваат како е во првите редови против Ковид-19

За тоа како изгледа на терен, во ординација, во болничко возило, дома кај болен или покрај пациент во болничка постела, разговаравме со две докторки - д-р Патриција Каламарас е инфектолог и раководител на одделението за инфективни болести во „8 Септември“, а д-р Кристина Трајчева-Шинделар е од Итната медицинска помош (194)

Светот е обединет. Во стравот, но и во надежта. Новиот, уште недоволно познат за науката коронавирус и болеста Ковид-19 што знае да ја предизвика и да е кобна никого не оставаат рамнодушен. Но, има луѓе што немаат време за стравот. Медицинските лица ќе размислуваат за психолошката состојба кога сè ќе помине. Дотогаш ќе се трудат да му пркосат на монструмот, како што го нарекуваат вирусот поради тежината на здравствената состојба што може да ја предизвика, и додека сите седиме дома, тие, облечени во заштитна опрема, во која едвај се дише, спасуваат животи.

За тоа како изгледа на терен, во ординација, во болничко возило, дома кај болен или покрај пациент во болничка постела разговаравме со две докторки. Д-р Патриција Каламарас, доктор на медицински науки, инфектолог, е раководител на одделението за инфективни болести во „8 Септември“ и раководител на одборот за корона во оваа болница. Има 32-годишно работно искуство, 23 години на Клиниката за инфективни болести, а од пред 9 години е во скопската градска општа болница.
Д-р Кристина Трајчева-Шинделар четири години работи во службата за Итна медицинска помош (194) и е исто така во прва линија во борбата против вирусот, најчесто на терен, поради спецификите на работата.



Не ме исплаши вирусот, бевме загрижени каков удар ќе има

- Во нашата болница има 1.100 вработени, мал гигант кој е клинички центар во мало. Имаме и оператива и други интернистички гранки. Нашата задача е да примаме и пациенти што се негативни на коронавирусот, но имаат други патологии, а имаме и посебни оддели каде што правиме тријажа, распределба додека не добиеме позитивен или негативен резултат на коронавирусот. Во центарот во кој се третираат пациентите со вирусот  се вкупно 4 оддели. На еден примаме сомнителните пациенти, односно пациенти што биле во контакт со некој што е веќе позитивен или пациенти што се високосомнителни според нивната клиничка слика или според рендгенографијата, компјутерот на гради... Тоа е голем оддел со 25-26 легла, на кој земаме брисеви кои се изработуваат во Институтот за јавно здравје. Ако се негативни, тогаш ги префрламе во одделенијата каде што се сместени само негативни пациенти. Ако се позитивни, имаме уште три други одделенија кои се само за позитивни пациенти. Едното одделение е за полесни клинички форми, второто за потешки, а третото е за пациентите што се зависни од респиратор - објаснува д-р Каламарас.



Д-р Патриција Каламарас

Вирусот го нарекува монструм или чудовиште зашто, како што објаснува, е еден од најсофистицираните и еден од најпаметните што досега се појавиле во природата, затоа што има моќ да ја менува клиничката слика, затоа што има непредвидлива моќ да се појавува и да исчезнува, па затоа и стручните лица постојано истражуваат, се консултираат...

Д-р Каламарас вели дека вирусот не ја исплашил, иако можеби тоа звучи нескромно, но тоа веројатно се должи на долгогодишно искуство и искуството со различни епидемии во минатото. Соочувањето го сфатила како предизвик.

- Предизвик е кога се појавува некоја нова епидемија, особено со непознат вирус, тогаш, претпоставувам, секој од нас се труди што повеќе да се запознае со непријателот за да можеме да се одбраниме од него, да се справиме. Секој ден следам литература, и јас и моите колеги, буквално секој ден имаме колегиум, читаме сè што е ново, имаме т.н. вебинари на кои имаме можност да контактираме со познати еминентни стручњаци од целиот свет, кои ни предаваат искуства, а ние се трудиме да навлеземе во таа проблематика за што подобро да се справиме - раскажува докторката.


Кога во земјава почнаа да се евидентираат заразени од коронавирус, таа и колегите биле загрижени околу тоа каков удар ќе следува.
- Кога почнаа да се појавуваат првите случаи, иако имавме искуство во смисла на она што се случуваше во Кина, јас лично и моите колеги бевме загрижени за тоа каков удар ќе следува кај нас и можам да кажам дека засега одлично се менаџира состојбата со овој вирус кај нас, со добро водење и со добра организација, пред сè. Јас се сложувам со мерките за самоизолација, со повторувањето на тестовите. Многу се работи. И Институтот за јавно здравје деноноќно работи на тестовите, што многу ни помага затоа што брзо добиваме резултати, а тоа е од огромно значење и за нас и за пациентите - вели д-р Каламарас.



Издржете, тоа го правите и за себе и за семејствата

Своето искуство го споделувала со колегите и пред појавата на заразени во земјата. Вели дека иако секоја индивидуа е различна, медицинскиот персонал генерално е сталожен.

- Ја имаме заштитата што ни е потребна, на сите им се јасни начелата како треба да се справат, внимаваме, постојано се потсетуваме, си помагаме. Имаме безрезервна поддршка од медицинските сестри, од хигиеничарите. Јас на сите им предочувам дека треба да бидеме здрави затоа што без нас нема понатаму кој да помага. Се надевам дека со искуството и психолошки влијаеме јас и моите двајца колеги инфектолози. Денот почнува во 8 часот, а завршува по полноќ. Мораме постојано да сме во контакт зошто има ситуации кои се менуваат од момент во момент и тоа ни е напорно на сите, зашто мораме да реагираме брзо за да можеме да им дадеме шанса на сите пациенти кога ќе дојдат, да имаат добри услови, да бидат правилно распределени и примени - објаснува докторката.


Се надева дека сите ќе издржат физички. Вработените се заменуваат меѓу себе кога ќе се изморат и се грижат за тоа правилно да се менаџира уморот.

- Работиме по светски стандарди, се придржуваме до тие стандарди. Знаете, не се издржува цел ден во заштитна опрема, ниту може толку време да се дава заштита и адекватна терапија, па луѓето мора да се менуваат. Ако некој од вработените се пожали на умор, влегува друг, го заменува додека да се рехабилитира... – раскажува д-р Каламарас.


Нејзината порака до граѓаните е да бидат дисциплинирани и да издржат, да ги почитуваат мерките.

- Тоа го прават и за себе и за своите семејства - додава д-р Каламарас.  


Комплетна опрема за секој пациент на терен

Да се биде здравствен работник-теренец и во мирнодопски услови е голем предизвик затоа што се соочувате и со пациенти на терен и во домашни услови, со пациенти што првпат ги гледате... Во ваква ситуација, пак, предизвикот е уште поголем, вели д-р Трајчева-Шинделар од Итната помош. Вработените во оваа служба освен што помагаат на повиците на 194, и ги пренесуваат болните од дома до конкретна здравствена установа, или од една во друга.


Д-р Кристина Трајчева-Шинделар

- Речиси секогаш сте под еден емотивен и психолошки притисок да се заштитиме максимално, да се пристапи кон лицето кое не мора да е позитивно на коронавирус или заболено, туку може да има само симптоми кои не мора да е се од таа причина. Но за нас, целата одговорност за заштита е подигната на највисоко ниво и во однос на колегите и секако за пациентите каде што одиме - вели докторката.

Лекарите се постојано во заштитна опрема, која се менува секогаш кога ќе се завршат обврските со конкретен пациент. Внимаваат како комуницираат меѓу себе, разговорите се на дистанца, а кога се во возила, сите се заштитени.

- Од медицински аспект, образованието ве подготвува, но никој не ве подготвува дека со нешто вакво конкретно вашата генерација ќе се соочи. Меѓутоа, со професионалниот повик следуваат и одговорности. Ние и немавме доволно време да размислувавме дали сме подготвени или не, туку веднаш пристапивме кон одговорностите и ситуацијата. Нашата институција набави соодветна опрема според СЗО-препораките и тоа се скафандери, маски, капи, калјачи, визири, очила... Се менува по секој контакт со кој било пациент и по секоја интервенција. И без разлика на каква интервенција да одиме, сообраќајна незгода или заразен од коронавирус, носиме комплетна опрема - раскажува докторката.

Бидете трпеливи, седете дома и чувајте се

На 194 може секој да се јави и да побара совет и интервенција. Зад телефонот се стручни лица кои со насочени прашања добиваат податоци според кои се врши распределба по итност. Психолошкиот и емотивниот момент, според лекарката, се многу клучен фактор во целава ситуација.

- На семејствата им објаснувавме дека сме заштитени и дека даваме сè од себе за да помогнеме. Тоа е нашата работа. Гледаме меѓу себе да си пружиме голема поддршка, да се разбереме, зашто секој индивидуално се справува со стресот, со тоа што се случува на терен. Но, максимално добро се држиме, благодарение на колегите, се слушаме телефонски, комуницираме на социјални мрежи, на „Вајбер“, споделуваме податоци - објаснува д-р Трајчева-Шинделар.

Таа вели дека не е лесно кога се соочувате со нечија судбина, директно очи в очи.
- Треба да си психолошки подготвен да се соочиш со сето тоа. Во моментов, фокусот е на тоа на сите да им се помогне - дополнува таа.

Д-р Трајчева-Шинделар вели дека ги одржува вербата дека сето ова ќе заврши, дека ќе имаме најдобар можен исход со заеднички труд на сите.

- На граѓаните им порачувам да бидат силни, да бидат максимално сигурни во тоа што се прави сега затоа што се прави за наше заедничко општо добро, да бидат трпеливи кога им треба помош бидејќи таа ќе им биде дадена. Почитувајте ги препораките, седете дома со семејствата и чувајте се - додава нашата соговорничка.

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема