X
 28.04.2021 Наука

Дали сѐ уште треба да се носат маски на отворено?

„Вакциниран сум и престојувам на отворено. Дали треба да носам маска?“ „Дали треба да носам маска ако трчам во природа и не сум блиску до луѓе?“ „Одам по тротоарот и поминувам покрај друга личност - треба ли да ставам маска?“

Како што се затоплува времето и процентот на вакцинирани граѓани постепено расте, сè повеќе луѓе се во дилема и поставуваат вакви прашања.

- Ако сте вакцинирани, би рекол дека немате потреба да носите маска на отворено бидејќи е познато дека повеќето вируси не се пренесуваат на отворено - вели д-р Санџај Гупта за Си-ен-ен

Шансите за пренесување на вирусот се 18,7 пати поголеми во затворени простории


Истражување објавено во ноемвриското издание на „Журнал оф инфекшс дизизес“ открива дека шансите за пренесување на вирусот се 18,7 пати поголеми во затворени простории отколку на отворено, а помалку од 10 отсто од инфекциите се случиле на отворено. Ношин Разани, еден од авторите на истражувањето и вoнреден професор по епидемиологија и биостатистика на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, вели дека реалниот број на случаи на пренесување на отворено е „веројатно помал“ од 10 отсто.

Тековните насоки од центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) се дека можеби нема да бидат потребни маски на отворено.

- Маските можеби не се потребни ако сте сами надвор, далеку од други луѓе или во друштво на луѓе што живеат во вашето домаќинство - вели ЦДЦ. Сепак, не постојат специфични упатства за вакцинирани лица.

- Размислуваме за носењето маски на отворено, но исто така и во контекст на фактот дека и понатаму има луѓе што умираат од Ковид-19 - вели д-р Рошел Валенски, директор на ЦДЦ.

маска
Фото: Freepik

Двосмислени докази

Како и кај повеќето дискусии за ковид-19, доказите за тоа дали е пожелно да се носат маски на отворено се двосмислени и треба да се засноваат на различни фактори, како што се статусот на вакцинација и стапката на пренесување на инфекцијата во заедницата.

- Ако сте вакцинирани и не сте во ранлива категорија, веројатно не мора да носите маска на отворено - вели Линси Мар, специјалист за пренесување на вируси во воздухот од „Вирџинија тех“.

За невакцинирани лица, Мар препорачува маски во метеж и на места каде што се собираат луѓе, како што се барови.

- Ако не сте вакцинирани и постојано минувате покрај луѓе толку блиску што можете да ги допрете со рака, тогаш треба да носите маска - објаснува Мар.

Без оглед на статусот на вакцинација, важен фактор за да се одлучи дали да се отфрли маската на отворено е нивото на пренесување и стапката на инфекција во одредена област, смета Гупта.

- Вистинското прашање е колку е веројатно да вдишам туѓ воздух. Тоа е тоа. Бројот на луѓе, околината и степенот на вирусна распространетост во заедницата - вели Гупта.

Д-р Ашиш Јха, декан на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот „Браун“, вели дека очекува носењето маски наскоро да биде ограничено само на затворено.

- Очекувам во текот на следните неколку недели американската држава да почне со укинување на задолжителното носење маски на отворено - рече д-р Ашиш, додавајќи дека повеќето инфекции се случуваат во затворен простор, така што луѓето ќе мора да носат маски во такво опкружување уште некое време.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука