Правилната исхрана е еден од поважните фактори за добро регулиран дијабетес. Исхраната за лица со дијабетес значи здрава исхрана. Иако науката има јасни сознанија и стручните лица како што се докторите или нутриционистите, можат да дадат јасни совети и препораки како правилно да се структурира исхраната кај лицата со дијабетес, сепак, важно е да се напомене дека не постои универзален начин на исхрана кој би одговарал на сите.
Разговаравме со Везире Старова, магистер по нутриционизам и сертифициран дијабетес едукатор за индивидуалното планирање на исхраната кај лицата со дијабетес и потребата од следење на сознанијата од најновите светски медицински студии за што поуспешно менаџирање на состојбата.
Везире Старова
- Покрај генералните препораки, исхраната на лицата со дијабетес треба да се приспособи според начинот на живот, физичката активност, постоењето на други фактори кои можат да влијаат врз енергетските и нутритивните потреби на даден организам - вели Старова.
Правилна исхрана значи избалансиран внес на макро и микронутриенти.
Во макронутриенти спаѓаат јаглехидратите, протеините и мастите.
• Јаглехидратите обезбедуваат енергија за потребите на метаболитичките процеси во организмот. Консумацијата на сложени јаглехидрати, на пример, интегрален леб наместо бел и интегрален ориз наместо бел ориз, кај лицата со дијабетес овозможува постабилни нивоа на глукоза во крвта. Дополнително, дигестивните влакна се многу важни во исхраната на лицата со дијабетес за одржување стабилно ниво на глукоза во крвта. Затоа, се консумира цел портокал наместо сок од портокал.
• Протеините се основните градбени блокови потребни за синтеза на виталнитe клеточни компоненти. Mожат да бидат од растително и од животинско потекло. Сите протеини од животинско потекло се целосни, што значи ги содржат сите есенцијални аминокиселини, а како најдобри протеински извори се вбројуваат јајцата, месото, рибата и млекото. Протеините од растително потекло се нецелосни, но со правилна комбинација може да добиеме целосен протеин. На пример грав и ориз: гравот содржи мала количина метионин, но голема количина лизин. Оризот има мала количина на лизин, но многу метионин. Со комбинација заедно добивате целосен протеин.
• Мастите имаат енергетска и функционална улога во организмот. Во однос на степенот на заситеност на молекулите, масните киселини можат да бидат заситени (вообичаено тоа се мастите од животинско потекло) и незаситени: мононезаситени (маслиновото масло, путерот од кикиритки, авокадото, бадемите, лешниците, семките од тиква и сусамовото семе) и полинезаситени (масло од сончоглед, ореви, ленено семе и риба). Се препорачува лицата со дијабетес да внесуваат моно и полинезаситени масти.
- Кога зборуваме за мастите - вели госпоѓа Старова – би ја споменала важноста на омега-3 есенцијалните масни киселини како АЛА (алфа-линоленската киселина) која најмногу се наоѓа во семињата и јаткастите плодови и го одржува здравјето и проодноста на крвните садови. Балансираниот внес на омега-3 и омега-6 масните киселини во сооднос од 1:3 (1:4), превенира и намалува воспаленија во организмот. Ова се постигнува со намалување на внесот на проинфламаторните, рафинирани растителни масла (маслото од пченка, сончоглед и репка, богати со омега-6 масни киселини) а поголем внес на омега-3 масните киселини од растителни и животински извори.“
- Од досегашната практика како сертифициран дијабетес-едукатор и човек што постојано ги следи светските студии и истражувања, можам да кажам дека кај лицата со дијабетес, до одредена мера постои релативно балансиран внес на макронутриенти во исхраната. Но морам да забележам дека генерално постои многу сиромашен внес на витални микронутриенти во исхраната - истакнува нашата соговорничка.
Во микронутриентите спаѓаат витамините, минералите, антиоксидансите кои ја овозможуваат реализацијата на ензимските процеси во организмот и работата на сите органи и органски системи (тие учествуваат во сите метаболитички процеси).
Особено значајни за максимално искористување на енергијата од макронутриентите и превенција на потенцијалните оштетувања и компликации познати кај лицата со дијабетес се:
• Магнезиумот, кој ја зголемува ефективноста на инсулинот, односно го овозможува внесувањето на гликозата во клетката и во митохондриите (клеточни органели во кои гликозата се претвора во енергија). Во услови на инсулинска резистенција и хипергликемија, голема количина од магнезиумот се исфрла преку урината, што доведува до недостиг на овој минерал и нарушен метаболизам на глукозата. Најдобри извори на магнезиум се: јаткастите плодови, семињата, зелениот листест зеленчук и други видови зеленчук, рибата, авокадо, бананата, какаото и др.
• Биотин или витамин Б7 ја поттикнува активноста на инсулинот, го овозможува искористувањето на аминокиселините потребни за обнова на клетката, ја намалува продукцијата на глукоза од нејаглехидратни извори од страна на црниот дроб и учествува во други витални клеточни процеси. Најдобри извори на биотин се лососот, свинското месо, црниот дроб, јајцето, сирењето, брокулата, семињата и јатките и др.
• Хромот е минерал кој е есенцијален за метаболизмот на инсулин. Тој ја зголемува активноста или ефикасноста на инсулинот во дистрибуција на гликозата во организмот, со што овозможува помала количина инсулин поефикасно да ја заврши својата работа. Храна богата со хром е: брокулата, аспарагусот, боранијата, интегралниот ориз, печурките, зрнести производи, компирите, бананите, јајцата, квасецот, телешкото и пилешкото месо и други намирници. Исхрана богата со прости шеќери доведува до поголема екскреција на хромот преку урината.
• Цинкот е минерал кој помага во функцијата на бета-клетките на панкреасот, односно во продукцијата и лачењето на инсулинот. Храна богата со цинк ги вклучува: јаткастите плодови и семињата, мешунките како грав и леќа, крушите, црвеното месо, јајцата, рибата и морските плодови.
• Витаминот Б12 (кобаламин) е витален за создавање на црвените крвни клетки (превенција на анемија) и одржување на нервниот систем. Лицата што користат метформин за регулација на шеќерот искусуваат недостиг на витаминот Б12. Најдобри извори на Б12 се месото, рибата и јајцата.
• Карнитин овозможува внесувањето на масните киселини во митохондриите и нивното искористување за добивање на клеточна енергија. Со тоа оваа молекула ја превенира појавата на кетоацидозата (што се јавува при високи нивоа на кетонски тела и високи нивоа на глукоза во крвта). Најбогати извори на карнитин се месото и млекото, а тој е присутен и во брокулата, зелката, лукот, бамјата, магдоносот, интегралната пченица и др.
• Инозитол го спречува насобирањето на масните наслаги во организмот, го овозможува интегрирањето на мастите во нервното ткиво и помага во превенција од невропатија кај лица со дијабетес. Храна богата со инозитол се пивски квасец, грашок, праски, ориз, кајсии, зелка, кромид, домати, јагоди и јајца.
• Витамин Д е утврдено дека многу често е дефицитарен кај лицата со дијабетес. Покрај другите функции во организмот, витаминот Д е многу важен имуно-модулатор чија активност е особено важна кај лицата со дијабетес тип 1 кој има автоимуна основа.
Антиоксиданси
- Постојат голем број антиоксиданси присутни во различни прехранбени намирници, но ќе ги споменам најважните антоцијанините (доминантни во бобичестото овошје), бета-каротенот и лутеинот (во морковот и зелениот листест зеленчук), кварцетинот (во широк спектар овошје и зеленчук), катекини (во зелениот чај), астаксантин (во лососот и алгите), ликопенот (присутен во доматите и лубеницата), ресваратролот (од грозјето) и др. – истакнува Старова.
Понатаму се препорачува внесувањето зелка, брокула, карфиол, ’рдокви и други намирници богати со сулфур (како јајцата, печурките, кромидот, лукот и празот) што овозможува продукција на глутатион – најмоќниот ендоген антиоксиданс кој го создава организмот.
Покрај наведените антиоксиданси, важни за превенцијата на невропатија и ретинопатија се и алфа-липоичната киселина, моќен антиоксиданс кој го има во органското месо, брокулата, спанаќот и др. извори. Коензим Q10 е внатреклеточен антиоксиданс кој овозможува производство на енергија во клетките (овозможува оптимална продукција на енергија во циклусот на клеточна респирација). Намирници богати со коензим Q10 се телешко и органско месо, риба, јаткасти плодови, брокула, спанаќ, карфиол, семиња и други намирници.
- Би завршила со препорака за индивидуален план, оптимален внес и баланс на макро и микронутриенти за секое лице со дијабетес - вели Везире Старова.